Европската централна банка ги качи каматните стапки, што значи ова за Македонија?

by Fokus

Европската централна банка (ЕЦБ) денеска ги зголеми каматните стапки за прв пат по повеќе од 11 години додека се обидува да ја контролира зголемената инфлација во еврозоната.

ЕЦБ ја зголеми основната каматна стапка за 0,5 процентни поени на 0,0% во четвртокот, а планира дополнително зголемување подоцна во годината.

Стапката е негативна од 2014 година за да ги охрабри банките да позајмуваат наместо да депонираат пари во ЕЦБ. Потрошувачките цени се зголемија со рекордна стапка од 8,6% во 12-те месеци до јуни.

Тоа е далеку над целта на банката од 2%. Некои централни банки, вклучително и Банката на Англија, ги зголемуваат стапките бидејќи растот на цените се забрзува.

Зголемените трошоци за енергија, гориво и храна ја зголемуваат инфлацијата, вршејќи притисок врз семејствата кои се борат со кризата.

Ќе влијае ли ова на македонската економија?

 

Во ситуација кога централните банки на развиените земји, како што се САД и Велика Британија на пример, веќе го започнаа циклусот на монетарно затегнување, којшто придонесе за заострување на глобалните финансиски услови, зголемувањето на основната камата на ЕЦБ ќе делува дополнително во истата насока, што ќе има импликации и за макроекономските политики кои се спроведуваат во земјите во развој, како што е и нашата земја, велат од Народната банка за „Фокус“.

Исто така според Народната банка, , од аспект на домашната монетарна политика, имајќи ја предвид стратегијата на стабилен девизен курс на денарот во однос на еврото, како и високата економска поврзаност со ЕУ и еврозоната, во процесот на одлучување за нашата монетарна поставеност покрај тоа што се следат макроекономските параметри битни за нашата економија, како што се девизните резерви и домашната инфлација, секако се води сметка и за сигналите на монетарната политика на ЕЦБ, поставеноста, преземените мерки и сл,. во контекст на случувањата во еврозоната и евентуалните пренесени ефекти врз нашата економија.

-Воедно, за очекување е дека само по себе затегнувањето на глобалните финансиски услови ќе резултира во зголемување на приносите на меѓународните финансиски пазари, и со тоа на трошоците за финансирање на фискалните потреби на државите, нешто што веќе може да се забележи, додаваат од Народната банка.

Каматните стапки во земјава зголемени по четврти пат

Од април наваму, каматната стапка на благајничките записи е зголемена за 1,25 п.п., до тековното ниво од 2,5%. Сепак, и со овие промени основната каматна стапка на Народната банка се уште во рамки на историски ниско ниво, а со оглед на постепеното нагорно придвижување, не се очекуваат силни и нагли промени во каматната политика на банките.

-Всушност, и последните податоци со мај покажуваат дека каматните стапки на кредитите по кои се задолжуваат и компаниите и граѓаните се задржуваат на историски ниско ниво. Примарно очекуваме промени кај каматните стапки на штедењето, пред се кај денарското, со оглед на мерките кои ги презеде Народната банка во насока на зголемување на денаризацијата и поттикнување на штедењето во домашна валута, преку намалување на процентот на издвојување на задолжителната резерва од страна на банките за нивните денарски обврски и истовремено зголемување на процентот за обврските во странска валута. Со оваа мерка се поттикнуваат банките да понудат поповолни камати на денарските депозитни производи, појаснуваат за „Фокус“ од Народната банка.

Соња Танеска

 

Поврзани новости