Европратениците со најостра осуда за насилството во Собранието

by fokus

Членовите на Европскиот парламент Иво Вајгл, Едуард Кукан и Кнут Флекенштајн кои исто така беа медијатори во Договорот од Пржино денеска соопштија дека категорично ги осудуваат, со најостри зборови, нападите врз демократски избрани пратеници во Собранието.

„Овие акти на насилство во Собранието се напад на демократската волја на граѓаните на земјата и се целосно неприфатливи под никакви околности и со сите демократски норми. Повикуваме на смиреност и воздржаност од сите и Министерството за внатрешни работи и полицијата да ја обезбедат безбедноста на Собранието и неговите членови“, се вели во нивното соопштение.

„Извршителите на овој неприфатлив чин на насилство мора да бидат идентификувани и казнети и треба да се утврди политичка одговорност за дестабилизација на земјата и за последиците да се дискутира наскоро.

Како што рековме во неколку наврати, на демократијата мора да и се дозволено да тече по својот тек и мора да се почитуваат парламентарните процедури. Во оваа смисла, ние го поздравуваме изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието.

Нашата порака и таа на Европската унија е конзистентна и јасна и ние уште еднаш подвлекуваме дека политичкиот дијалог во институциите е единствениот пат напред, и дека сите политички актери имаат обврска да ги почитуваат Уставот на земјата и да дејствуваат во духот на демократските принципи, пристојноста и здравиот разум.

Ние веруваме дека македонскиот народ заслужува алтернатива на сегашната криза и да ги потсетиме сите политички лидери дека Македонија е земја кандидат и дека Европскиот парламент е подготвен да соработува со Собранието на неопходните реформи за да ја придвижи земјата напред на својот европски пат“, соопштуваат европратениците.

Поврзани новости