Европратеничката тројка очекува нова влада за две недели

by fokus

Европарламентарците Едуард Кукан, Кнут Флекенштајн и Иво Вајгл, известувачи на Европскиот парламент за спроведување на Договорот од Пржино излегоа со заедничка изјава во која бараат претседателот Иванов да ја почитува волјата на мнозинството во Парламентот и во која велат дека очекуваат избор на нов премиер во наредните две седмици.

-Го поздравуваме фактот што парламентарната демократија, отсликувајќи ја волјата на мнозинството во Собранието водеше до назначување на нов спикер, господинот Талат Џафери. Го повикуваме претседателот Иванов да ја почитува волјата на мнозинството во Парламентот и да престане со опструкциите на демократскиот пат и волјата на граѓаните да го видат крајот на кризата, велат тие, наведувајќи дека секое понатамошно одлагање на формирањето на новата влада ќе води кон „неизбежни последици“.

Тие ги осудуваат нападите врз демократски избраните пратеници, со што велат дека е нападната демократската волја на граѓаните, и очекуваат темелна официјална истрага. Освен политичка одговорност тие очекуваат и соодветни последици со цел да се спречат таквите недемократски активности.

Поврзани новости