Европарламентот ќе гласа за новата Комисија на 27 ноември

by Fokus

Претседателот на Европскиот Парламент, Давид Сасоли, соопшти дека гласањето за новиот состав на Европската Комисија е закажан за 27 ноември на пленарна седница.

Доколку тимот на избраната претседателка Урсула фон дер Лајн го добие потребното мнозинство идната среда, може да се очекува нејзината Комисија да стапи на функција на почетокот на декември, иако начелно требаше да започне на први ноември.

Меѓутоа, Европскиот Парламент отфрли тројца кандидати за комесари кои мораа да бидат заменети. Откако сите 27 кандидати добија зелено светло од парламентарните комисии, Европскиот Парламент може сега да гласа.

Останува прашањето за британскиот еврокомесар. Европската Комисија најави дека чека одговор од британските власти до понеделник, по што ќе ги соопшти следните чекори.

Обединетото кралство сѐ додека е земја членка на ЕУ треба да има свој еврокомесар, согласно повелбите на ЕУ, но британската Влада вели дека не може да испрати кандидати поради тоа што се наоѓа во изборна кампања и законите забрануваат именување на функционери во тој период.

Европската Комисија стравува дека доколку нема британски комесар би можело да има правни последици поради прекршување на европските повелби.

Поврзани новости