Евакуирани четири села во Грција поради пожар

by Fokus

Шумските пожари што избија денеска во западниот дел на Пелопонез ги принудија грчките власти да евакуираат четири села, како и туристи од плажите.

Пожарот избувна во шума во планина, на околу 30 километри источно од Патра, изјави министерот за цивилна заштита, Михалис Хрисохоидис, пренесува АП.

Огнот, потпомогнат од силен ветер, се спушти кон морето. На жителите на четири села – две на брегот и две на ридовите – им беа испратени пораки за евакуација.

Хрисохоидис рече дека во гаснењето на пожарот биле вклучени 290 пожарникари, со осум авиони, седум хеликоптери и специјален брод, кој ги евакуирал луѓето од плажите.

Поради пожарот, патот Атина-Патра беше затворен, како и мостот Рио Антирио.

Во последните 24 часа во Грција избувнаа 56 пожари, кои се отежнати од сувото време, топлотните бранови и силниот ветер.

Повеќето од нив се под контрола, рече министерот Хрисохоидис.

Врвот на топлотниот бран се очекува во Грција во понеделник, со температури до 46 степени, но до петок ќе остане околу 40 степени Целзиусови.

Поврзани новости