Физичките лица се обесштетени, кој ќе ме обесштети мене?

Сите физички лица кои имаа заробени средства во стечајот на Еуростандард банка се обесштетени. Финансиски средства во банката има и за сите останати оштетени правни субјекти, ама мора да се истрае во потрагата за враќање на украдените пари. 

by fokus 09:32
09:32

пишува: Трифун Костовски

Почитувани читатели, од самиот наслов на денешнава колумна, многу лесно може да се разбере суштина на мојата денешна колумна. Моите дела докажуваат за моето лице пред вас, кое сум го имал и сѐ уште го имам  борејќи се транспарентно во име на вистината.

Моите непријатели, сограѓани  со криминогена ориентација, всушност се дезориентирани во својот проsирен обид мене да ме етикетираат со нивните манипулаторски карактеристики, поради што  плаќам  цена за одземениот мир.

Партијата на власт СДСМ и нејзини блиски,  евидентно се дел од постапката за носењето во стечај на Еуростандард банка.

Денес ќе споменам неколку работи, сериозни напади од моја страна кои ги говорам слободно без страв од било каква форма  на притисок. Екс- генералниот директор на Еуростандард банка, г-динот Николче Петкоски, главниот креатор или попросто кажано петоколонашот во мојата Еуростандард банка, скоро две години по носењето на банката во стечај, денес е слободен граѓанин  без никакви импликации по него.

Убеден сум дека од материјалите кои ги имала на располагање Финансовата полиција и Обвинителството, недвосмислено знаат за неговите активности кои беа причина за носењето во стечај на Еуростандард банката.

ВЛАСТА ГО ШТИТИ ПЕТКОСКИ

Господинот  Петкоски, симпатизер на СДСМ, пријател со  екс-претседателот на СДСМ и премиер на Владата на РМ, г-динот Зоран Заев и уште поблизок пријател со бившиот технички премиер и денес министер за внатрешни работи, г-динот Спасовски.

Блискоста на контактите кои ги има Николче со двете горе споменати личности, високи функционери на СДСМ, само по себе говори дека овие структури и денеска го штитат Николче Петкоски, што упатува на фактот дека за своето криминално работење во банката имал политичка поддршка. Општо познато е во Македонија, дека партиите без интерес не штитат никого. Николче Петкоски официјално и понатаму молчи пред јавноста.

Немаме никакви информации од истражната постапка, која се води веќе две години, за неговата инволвираност во лошото работење на банката. Бидете сигурни дека АМИН од мене за ваквото негово работење ниту добил, ниту пак можел да добие, бидејќи тоа е спротивно на мојот морал и етика.

Личност која што многу беше присутна во лошите пласмани на Еуростандард банка е господинот Крмзов со седиште во Струмица. Овој човек има фирми кои се занимаваат со сите можни бизниси во Република Македонија , чија бројка е над 15 посебни фирми, како посебни правни субјекти.

Важи за близок пријател на Зоран Заев. Согласно информациите кои ги добивам од непроверени извори, бидејќи немам директен увид во собирањето на стечајната маса на Еуростандард банка во стечај, долгот од страна на фирмите на Крмзов према Еуростандард банка во стечај изнесува меѓу 10 и 15 милиони евра.

Упатувам порака да стечајниот Управник Саздовски да го примени членот од Законот за стечај кој гласи „Побивање на правни дејствија на стечајниот должник„.

Овој член во основа му дава право на стечајниот управник да трага по парите до крајните корисници кои ги злоупотребиле и да бара нивно враќање во стечајната маса.

ОБЕСШТЕТЕНИ СЕ СИТЕ ФИЗИЧКИ ЛИЦА

Почитувани читатели, повторно од неофицијални извори добив информации дека сите физички лица кои имаа заробени средства во стечајот на Еуростандард банка се обесштетени. Финансиски средства во банката има и за обесштетување на сите останати оштетени правни субјекти, ама мора да се истрае во потрагата за враќање на украдените пари.

Зулумот со Еуростандард банка е направен, банката ја однесоа во стечај луѓе со лукративни интереси  потпомогнати од политичката партија на власт и институцијата Народна банка.

Најотворено прашувам, кој ќе ме обесштети мене? Кој ќе ми го врати украдениот имот во мојата Македонија? А со имотот и угледот.

ПОРАКА ДО ИСТРАЖНИТЕ ОРГАНИ

Јас продолжувам во мојата борба и ќе барам обештетување од мојата држава. Сум давал на Македонија и сѐ уште давам, ама нема да простам за тоа што ми е украдено на   подмолен и нечовечки начин.

Човечкиот живот е полн со предизвици. Во својата  зрела доба јас сум реализиран човек во сите сфери на моето живеење. Но, не можам сѐ уште да разберам дека јас сум ограбен во мојата Македонија, држава за која нема што не би направил. Замислете, грабежот е направен со помош на институциите на системот, Народна банка и Обвинителство!

Госпоѓо Бежоска, Гувернер на Народна банка, убеден сум дека немате мирен сон. Ќе биде чесно и вие да проговорите за вистината околу Еуростандард банка.

На крајот упатувам апел до истражните органи кои се занимаваат со стечајот на Еуростнадард банка дека горе споменатите имиња мора сериозно да бидат земени во предвид на испитување, а тоа се Зоран Заев, Оливер Спасовки, Анета Бежоска, Николче Петкоски и Крмзов.

 

Поврзани новости