ЕУ три години ќе ги мониторира судењата за организиран криминал и висока корупција

by fokus

ОБСЕ и ЕУ од јули 2021 до декември 2023 година ќе ги мониторираат судските процеси за организиран криминал и корупција. Амбасадорот на ОБСЕ во земјава Клеменс Која, на одбележувањето на стартот на проектот истакна оти предвидува дека Мисијата на ОБСЕ во рамки на овој проект ќе набљудува приближно 50 високи и средно високи случаи на организиран криминал и корупција.

– Методологијата е изработена согласно добрите практики на ОБСЕ за следење на судењето. Специфично е дизајнирана да одговори на целите на проектот, овозможува и компаративна регионална рамка, вклучително развој на специфични алатки неопходни за следење на судењето, истакна Која.

Според него, проектот во исто време ќе им помогне на судовите, обвинителствата и институциите за спроведување на законот, да ги зајакнат своите капацитети преку детални препораки и да им се овозможат анализи и препораки преку кои ќе се идентификуваат системските прашања во процесуирање на случаите на организиран криминал и корупција.

Евроамбасадорот Дејвид Гир во своето излагање кажа дека ефикасен, фер и судски систем што дава доверба е суштински дел на владеење на правото во секоја земја.

– Без владеење на правото, корупцијата и организираниот криминал излегуваат надвор од контрола. Државата може да биде заробена од приватни интереси. Расте незадоволството на јавноста, доведувајќи до несигурност и нестабилност. Не треба да кажам повеќе, тоа сте го виделе порано. И ние тоа сме го виделе, повеќето земји, кои сега се членки на Унијата биле сведоци на слаб правосуден систем. Поради тоа владеењето на правото е еден од фундаментите врз кои е основата Европската Унија, рече Гир.

Министерот за правда Бојан Маричиќ во своето обраќање на одбележувањето на активностите за мониторигн на судските процеси, истакна дека следењето на судењата за случаи на корупција на високо ниво и организиран криминал навистина може да биде еден од начините за постигнување позитивни резултати.

– Тоа ќе ја зголеми одговорноста во работењето на обвинителите и судиите, истовремено ќе ја зајакне борбата против корупција, но и ќе ја зголеми довербата кај граѓаните во институциите и во својата држава, истакна Маричиќ.

Според него, фактот што ние сме првата земјава во регионот која од ЕУ побара веднаш да ја стартува иницијативата за мониторинг на предмети за висока корупција, покажува дека Владата има искрена намера за неселективна правда и транспарантни судски процеси.

Мисијата на ОБСЕ во Скопје ќе го спроведе овој тригодишен проект финансиран од ЕУ. Преку набљудување на судските процеси, оваа регионална иницијатива промовира поефикасно спроведување на правдата во врска со случаи на сериозна корупција и организиран криминал. Во овој контекст, проектот придонесува во борбата против широко распространетата и системската корупција и организираниот криминал кои се закани за долгорочната стабилност и просперитет во целиот регион.

Поврзани новости