ЕУ стави рок спорот меѓу Скопје и Софија да се реши до јули

by fokus

ЕУ потврди ако спорот меѓу Скопје и Софија не се реши до крајот на француското претседавање ќе има длабока криза со регионот. Софија за кревање на ветото повтори дека очекува „конкретни чекори заедно да се изодат без какви било календари или очекувања“. Скопје, пак, порача дека сите услови за старт на преговорите со ЕУ се исполнети и сега на потег е Бугарија.

Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел вчера изјави дека поставува временска рамка за решавање на спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија, до крајот на француското претседателство, на 30 јуни, јави дописничката на МИА од Брисел.

-Длабоко навлеговме во прашањето за односите со Бугарија, кое го блокира процесот, за време на дебатата помеѓу земјите членки на ЕУ, и ова е нешто што мора да биде надминато, има политичка волја во Советот за да се избегне криза што би се случила ако не се реши до крајот на француското претседателство ставам временски рок. Ако не се случи ќе имаме сериозна криза во односите со земјите од Западниот Балкан, и ќе продолжиме да вршиме притисок врз двете страни да се изнајде решение, изјави Борел на прес – конференцијата по Министерскиот совет за надворешни работи, на кој се одржа и посебна седница со министрите за надворешни работи од Западен Балкан за прв пат.

Тој потсети и дека Северна Македонија, заедно со Албанија и Црна Гора, се целосно усогласени со надворешната политика на ЕУ и со санкциите на ЕУ против Русија, како и дека Северна Македонија и Албанија се наоѓаат на списокот на непријателски земји на Москва. Сево ова, посочи, ќе има цена.

-Треба да започнеме преговори со Северна Македонија и Албанија, и се надевам, повеќе од надеж и желба, дека тоа ќе се случи за време на француското претседателство, сметаме дека ова одлагање е неодржливо, рече Борел, додавајќи и дека двете земји ги исполнуваат сите услови што се бараат од нив, и ако немаат перспектива за ЕУ тоа ќе ја чини Европа многу во смисла на кредибилитет, а ќе претставува и подарок за Русија.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој учествуваше на оваа прва седница на формалниот Совет за надворешни работи на ЕУ со министрите од Западен Балкан, порачал дека на Бугарија е да го искористи политичкиот момент за спас на кредибилитетот на ЕУ во регионот.

Тој пред колегите од ЕУ предупредил на економските и политичките последици од конфликтот во Украина врз регионот, како и потребата да се спаси кредибилитетот на ЕУ токму во овој момент, со тоа што ќе се деблокира процесот на преговори со Северна Македонија.

-Ќе повторам, топката е во Република Бугарија. Република Бугарија треба да одлучи дали ќе го искористи овој момент за целиот регион после овие случувања во Украина, дали ЕУ ќе преземе стратешко лидерство во регионот. Република Северна Македонија беше конструктивен партнер во овие разговори, во исполнувањето на овие критериуми. Се плашам дека може да се изгуби овој момент што го имаме сега. И како што реков на самиот Совет за надворешни работи, најголемиот подарок за Русија ќе биде токму уривање на кредибилитетот на ЕУ во регионот, изјави Османи и потенцираше дека во овој момент нема договор меѓу двете страни којшто може да биде основа за потпишување на некаков договор, туку дека се разгледуваат начини да се вклопат различните пристапи во сеопфатно решение.

Османи ова го изјавил пред 27-те министри на ЕУ, меѓу кои и бугарската министерка, Теодора Генчовска, која, според изворите на МИА, не покажала флексибилност на состанокот. Во случај повторно Бугарија да ја блокира Северна Македонија во јуни, Османи вели дека ќе треба “да седнеме и да видиме“ како понатаму.

Бугарскиот премиер Кирил Петков вчера на заедничка прес конференција со холандскиот колега Марк Руте во Софија, во однос на Република Северна Македонија, рече дека се работи за „конкретни чекори заедно да се изодат по овој пат и тоа не е функција на какви било календари или очекувања, туку функција на заедничка работа што треба да се направи заедно, што и го правиме“.

Бугарската Влада ќе ја достави темата до бугарскиот Парламент и, вели, се надева дека во блиска иднина ќе има напредок на оваа тема и дека европската иднина на Република Северна Македонија ќе стане реалност.

Поврзани новости