– Специјалното јавно обвинителство е договорено од страна на сите политички партии, како дел од Договорот од Пржино и сите политички партии повеќепати се заложија да ја поддржат работата на СЈО. Европската Унија ги охрабрува сите страни да дејствуваат во согласност со овие заложби и ја подвлекува важноста на одговорно дејствување – изјавија за „Мета“ од Делегацијата на ЕУ, коментирајќи ја изјавата на Никола Груевски дека ВМРО-ДМНЕ нема да ги поддржат барањата на специјалната обвинителка Катица Јанева.
Инаку, Јанева презентирајќи го шестмесечниот извештај во Собранието, побара продолжување на рокот за истраги, измена на законите за поголема заштита и приватност на најзините сведоци, како и почитување на препораките од Венецијанската комисија.
По најавата на лидерот на владејачката партија дека нема да ги прифатат овие барања, по три месеци пауза денеска се реактивираше и Шарената револуција. На протестот пред Собрание, стотици демонстранти излегоа да дадат поддршка на работата на СЈО.