ЕУ и САД очекуваат Заев да формира влада

by fokus

Европската комисија очекува брзо формирање влада која ќе се посвети на европските реформи. Од Брисел во изјава за Мета велат дека нивните ставови јасно биле изразени во изјавата на еврокомесарот Јоханес Хан, кој во саботата порача дека претседателот треба мандатот да му го додели на Зоран Заев.

Хан рече дека откако се собраа доволно потписи за пратеници, Брисел очекува претседателот да му даде мандат за формирање на нова влада на кандидатот од партиите што имаат мнозинство во Собранието, во согласност со Уставот.

Ставот на Хан го поддржаа и од Американската амбасада во Скопје. Од таму порачаа дека партиите треба да ги почитуваат демократските процеси и институции.

-Се согласуваме со ставовите на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и на еврокомесарот за проширување и за добрососедство, Јоханес Хан, за формирањето влада. Сите партии треба да ги почитуваат демократските процеси и институции и да се фокусираат на нивната заедничка заложба – да се спроведат клучните реформи. Само на тој начин Македонија ќе напреднува во своите стратешки цели за членство во НАТО и во Европската Унија, нешто што САД одамна го поддржуваат. – велат од Амбасадата на САД за Мета.

Столтенберг вчера изјави дека очекува да се додели мандатот за формирање влада и ги повика сите страни на воздржаност во изјавите и во дејствата и да донесуваат одлуки во корист на граѓаните.

Поврзани новости