ЕУ и САД: Да се почитува пресудата за Младиќ

by fokus

Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји оценија дека денеска изречената пресуда во Хаг против поранешниот воен командант на босанските Срби, Ратко Младиќ ќе „придонесе за излекување на сите кои страдале“. Во заедничкото соопштение, двајцата дипломати нагласија дека ЕУ очекува од сите политички актери во регионот да покажат целосна соработка со меѓународните судови, да ги почитуваат нивните одлуки и да ја признаат нивната независност и непристрасност.

„Негирањето на геноцидот, ревизионизмот и воздигнувањето на воените злосторници се спротивни на најосновните европски вредности. Денешната одлука е можност лидерите во БиХ и во регионот, имајќи ги предвид фактите, први да им оддадат почит на жртвите и да промовираат добро тло за помирување, со цел да го надминат наследството од војната и да изградат траен мир“, се наведува во соопштението.

И американскиот претседател Џо Бајден ја поздрави денешната одлука на Жалбениот совет на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија со потврдувањето на првостепената пресуда против Младиќ, со која беше осуден на доживотен затвор, оценувајќи ја како „историска пресуда која покажува дека оние кои извршиле ужасно злосторствата ќе одговараат”.

-Таа историска пресуда покажува дека оние кои ќе извршат ужасни злосторства ќе одговараат. Со тоа, исто така, се потврдува нашата заедничка определба да ги спречиме идните злосторства каде било во светот – истакна Бајден, и воедно потсети дека пред речиси 26 години Младиќ наредил убиство на околу 8.000 невооружени мажи и момчиња и командувал со бруталната долгогодишна опсада на Сараево.

Поврзани новости