Европската комисија одлучи да ги одложи царините што ги најави како контрамерки на американското воведување царини за увоз на челик и алуминиум од ЕУ.
Комисијата кон средината на март објави дека на 1 април ќе ги активира постојните контрамерки против САД, кои беа суспендирани во 2018 и 2020 година, а кон средината на април ќе усвои нов пакет контрамерки за американскиот извоз.
„Сега размислуваме за тајмингот на овие два пакета контрамерки на ЕУ за да можеме да се консултираме со земјите за нив, а тоа исто така ќе ни даде дополнително време за преговори со нашите американски партнери“, рече комесарот за трговија Марос Шефчовиќ во Европскиот парламент.
Сега двата пакета контрамерки треба да стапат на сила во средината на април.
Првиот сет на контрамерки се однесува на низа американски производи како што се мотоцикли, бурбон и чамци и е одговор на економската штета вредна 4,5 милијарди евра од извозот на челик и алуминиум од ЕУ. Вториот пакет се однесува на американскиот извоз во вредност од 18 милијарди евра.