Сведочење на Минчо Јорданов: Му дадов 5.000 евра на Зоран Божиновски, а тој ме обвини дека во Ремедика се врши трговија со органи!

by fokus

Бизнисменот Минчо Јорданов во моментот сведочи на судското рочиште за случајот “Шпион”, во Кривичниот суд.

Тој според обвинителниот акт е оштетен сведок, поради што е повикан да даде исказ пред судот. Судијата Владимир Туфегџиќ го праша сведокот да појасни како стапил во контакт со обвинетиот Зоран Божиновски, по што тој одговори дека го запознал по препорака на пријател.

-Видејќи имав интереси во повеќе компании, мене ми беа потребни податоци за тие фирми, за тоа дали се во процес на приватизација, како и одредени информации за партнерите, информации кои можат да го рашират и зајакнат бизнисот. Затоа ми требаше некој човек, а некои од моите пријатели, не знам кој точно, ми го препорача Зоран Божиновски, истакна Јорданов.

Но потоа појасни и како бил разочаран од работата на Божиновски.

-Му дадов 5.000 евра на Божиновски за да направи аналитичко истражување, но за жал се покажа дека таа анализа беше подолу од било каков кафански муабет, без факти и поради тоа прекина нашата соработка, истакна бизнисменот.

Јорданов во кафеана му кажал на Божиновски дека е незадоволен од неговата работа, но како што рече Божиновски не се согласувал и му барал уште пари.

Откако соработката прекинала, Јорданов истакна дека Божиновски во Буре весник почнал да го уценува, па ширел лаги како на пример дека во болницата Ремедика се вршело трговија со органи.

-Постојано објавуваше лаги и гадости за мене. А објавува и ден денес, рече Јорданов.

Сепак на прашање на судијата дали по прекинот на соработката Божиновски му се јавувал и му барал пари, тој одговори дека не го барал и повеќе и не му барал пари.

В.В.

 

 

Поврзани новости