Естрадата во очај, Сузана Гавазова спас од кризата најде во свадбите во Бугарија!

by fokus

Додека музичката фела тврди дека е во очајна финансиска состојба поради забраната за настапи поради корона вирусот, фолк пејачката Сузана Гавазова очигледно дека е единствената во земјава која не губи време и се сврте кон понудите од соседството.

На својата официјална страница таа објави повеќе снимки и фотографии од соседна Бугарија, каде во Петрич била главна музичка ѕвезда на свадбена веселба пред два дена.

Таа појасни дека на свадбата гостувала заедно со музичарот Демо Савлев, а ги придружувал оркестарот на Тони Стоианов од Бугарија.

Од она што може да се види на видео клиповите, свадбата е со многу гости, не се држи растојание, се игра и владее атмосфера како вирусот да не постои.

Покрај тоа што се пофали со настапот на свадбата во Бугарија, Гавазова го најави и своето гостување во Германија. Таа ќе настапела заедно со ГСМ Бенд на седми ноември, во локалот ,,Кафе Балкан”.

И додека Сузана пронашла начин да заработува и за време на кризата, нејзините колеги по протестот кој се одржа минатата недела пред владата, се надеваат дека сепак ќе се изнајде решение и ќе им бидат дозволени настапи според одредени протоколи.

Организаторот на протестот, Даниел Сидовски, познат како Даниел Респекти, имаше средба со премиерот Зоран Заев и со министерот Венко Филипче, кои порачале музичарите да достават свои барања, кои потоа ќе бидат разгледани.

Инаку, Даниел изминатиот период во повеќе наврати на официјалниот профил на Респекти пишува дека авиони прскале со вируси, и како некој решил сите да ги разболи бидејќи ужива во малтретирањето и карантините. Тој исто така, се закани дека никој од естрада повеќе нема да пее на хуманитарни концерти, затоа што народот не ги поддржувал доволно во барањето за укинување на забраната за настапи.

Вики Клинчарова

Поврзани новости