Затвореници подметнале пожар во Идризово за да ја спречат затворската полиција да им ги одземе мобилните телефони, велат од УИС

by fokus

Затвореници во КПУ Идризово предизвикале пожар и поплава во една ќелиите за да ја спречат затворската полиција да им ги одземе мобилните телефони. По наредба на директорот на затворот, претресот бил сепак извршен и биле одземени шест мобилни телефони, информираа од Управата за извршување на санкции.

„Претресот следеше откако беше утврдено дека осудените нелегално поседувале мобилни телефони во затворот, и ниту една друга причина не беше повод за извршениот претрес. Дел осудените лица, со цел да го спречат претресот предизвикаа пожар во една од ќелиите, додека пак други осудени лица предизвикаа намерна материјална штета при што дојде до истекување на поголема количина на вода“, велат од Управата.

Од таму додаваат дека по завршувањето на овие настани, ситуацијата била ставена под контрола од затворските службеници, а претресот продолжил и во останатите ќелии.

„За време на претресот беа одземени вкупно шест мобилни телефони. Напоменуваме дека, осудените лица немаат право да поседуваат мобилни телефони, а од страна на затворот се обезбедува телефон и контакт со блиските. Со оглед на високиот ризик на осудените лица сместени во ова одделение, претресот беше извршен успешно“, додаваат од таму.

Поврзани новости