Заев: Лично разговарав со пратениците, имам причини да верувам во двотретинско мнозинство

by fokus

Граѓаните кои одлучија да учествуваат на референдумот, со  над 90 проценти дадоа јасен патоказ каде треба да се движи Македонија. Сега работите преминуваат во институциите на системот. Владата вчера ја отвори иницијативата за уставни измени и таа уште вчера влезе во Собранието. Очекувам Парламентот денеска или утре да ја почне постапката пред Уставната комисија за отворање на дебатата, истакна премиерот Зоран Заев на денешната дебата насловена: „Мостови или ѕидови? Македонија и Западниот Балкан во Европа“, организирана во рамки на Форумот за граѓанско општество Скопје 2018.

– Ова што се случува овде во Македонија со вака важни и сериозни одлуки е диференцирање на два правци и во владејачката гарнитура и во опозициската структура – прогресивни и регресивни. Сериозноста на сфаќањето дека без договор со Грција нема интеграција во ЕУ и НАТО е конечно потврдена и нема дилеми. Ние треба да се исправиме пред одговорноста на времето што го живееме. Одговорноста за земјата и за граѓаните е најважната работа пред која сме исправени, а потоа се нашите секундарни работи – каков рејтинг имаме, дали ќе не изберат повторно на избори. Од тој аспект јас многу верувам во нашиот Парламент дека ќе надвладее прогресивниот елемент, дури и по вака сериозно чувствително прашање, рече Заев.

Тој изјави дека е релаксиран и е оптимист во пресрет на дебатата во Собранието за уставните измени дека тие ќе поминат на „прва топка“.

Како што рече тој не може со сигурност да каже дали во парламентот постои двотретинско мнозинство за уставните измени кои произлегуваат од договорот со Грција, но тврди дека постои такво расположение.

-Лично разговарав со пратеници, и видовме дека постои прогресивна маса на пратеници што е доволно сериозен мотив и причина да ги отвориме постапките – рече Заев.

Тој очекува двотретинското мнозинство „да се формира по природен пат“, без никакви закани, притисоци или „пари“.

-Можам да верувам дека имаме, можам да верувам и дека немаме, но на крајот тоа треба да го провериме и треба да се потврди. Досега имаме доволна причина да веруваме дека има – вели тој.

Поврзани новости