Заев: Јас и Ципрас целосно веруваме во ова решение

by fokus

Предлогот  „Република Илинденска Македонија” во Македонија не отпаѓа, изјави премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање денеска пред Кривичниот суд.

Ово предлог, според него, е вреден и е за длабоко размислување, затоа што ги исполнува очекувањата на мнозинството граѓаните на двете земји.

– Република Илинденска Македонија е име кое не го загрозува, туку напротив го зајакнува идентитетот на Македонија, а на Грција и дава сложено име со временска одредница, рече Заев.

Посочи дека тој и грчкиот премиер Ципрас целосно веруваат во ова решение и оти тие двајца се само само една од кариката во целиот овој процес.

– Ние сме Зоран и Алексис и ние сме повикани како претседатели на владите да ги носиме процесите. Знаете дека уште во првиот момент рековме дека постои опција што може да биде прифатлива за двете страни, а тоа значи да се види како политичките структури и институциите во државата стојат… Има институционални процеси во донесувањето на одлуките. Кај нив тоа е Парламентот преку ратификација на евентуалниот договор за решението, а кај нас се и Парламентот и граѓаните преку референдум и евентуалните уставни промени кои би се случиле затоа што во прашање е пакет, истакна Заев.

Според премиерот, Илинден и нашето Илинденско востание во 1903 и 1944 година немаат никакви територијални претензии и ништо не се загрозува од страна на Грција.

– За нас е важно затоа што не задира во нашиот идентитет, напротив го јакне, го сочувува нашето достоинството и ги постигнуваме условите кои за нас се важни, а исто така грчката страна добива ново име – сложено, добива одредница и уставни промени, рече Заев.

Тој изрази верба дека разговорите ќе продолжат и треба да му се даде шанса на овој предлог кој, како што додаде, верува оти е решение за 25-годишниот спор.

– Зборуваме за пакет, а не за поединечни делови. Не може да се очекува уставна промена во Македонија за било кое решение, затоа прифативме ние уставна промена,  затоа што е решение кое не не понижува. Ќе го сочуваме нашето достоинство, а притоа идентитетските прашања се фиксирани, а притоа ги исполнуваме и нивните услови, нагласи премиерот Заев пред Кривичниот суд.

Заев посочи дека состанокот во Њујорк на 24 и 25 меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Грција и Метју Нимиц е закажан од претходно и изрази верување дека решение може да се пронајде.

Поврзани новости