Киро Глигоров е првиот претседател на самостојна и независна Република Македонија и личностa којa ги поврза двата столба на македонската државност. Тој е најзаслужен за создавањето на самостојна Македонија, единствена држава од сите поранешни републики на Југославија која по мирен пат и без војна прогласи независност. Претседателот Глигоров со мудрата надворешна политика ја отвори вратата на Македонија кон светот, модерните демократии и остави личен печат кон нејзината меѓународна афирмација, стои на фејсбук профилот на премиерот, Зоран Заев, по повод годишнина од раѓањето на поранешниот претседател, Киро Глигоров.
„Ќе го паметиме по неговото лидерство, искуство и мудри политики во начинот на раководењето со државата во тешките и критични моменти во деведесеттите години. Ќе го паметиме како лидер и државник од кого научивме многу за независноста, самостојноста и зајакнувањето на суверенитетот на нашата држава. Токму поради неговите политики, денеска Македонија слободна, слободно живее!
Претседателот Глигоров претставува инспирација за денешните идеи и политики за слободна и напредна Македонија. Тој велеше дека без оглед на вера, националност и традиции, граѓаните треба да бидат еднакви во сите права и обврски. Затоа, денеска чекориме по неговата визија и мудрост за успешна и просперитетна Македонија. Македонија едно општество за сите, со економски просперитет, интеграција кон ЕУ и НАТО, со институции во служба на граѓаните и демократски реформи.
На одбележувањето на 101-та година од раѓањето на Киро Глигоров ја испраќаме пораката дека ќе се водиме по овие столбови кои значат сигурност за нашата држава, затоа што Македонија е сѐ што имаме!“, напиша Заев.