ВМРО-ДПМНЕ и „Нова демократија“ велат дека Договорот од Преспа е предавнички, кој ја кажува вистината?, праша Ѕанакопулос

by fokus

За лажните вести со конкретни примери од двете земји, за причината за нивно ширење и периодот кога беа најинтезивни кај нас, но и за начинот на кој треба да се спречат, говореа на конференција во Атина надлежните министри за медиумите и комуникација од Северна Македонија и Грција, како и новинари од двете земји.

Министерот без ресор на Грција и владин портпарол, Димитрис Ѕанакопулос истакна дека ваков вид на иницијативи, можат да ги приближат двете земји. Тој, како една од позитивните работи што произлегуваат од Договорот од Преспа го спомена патувањето во Скопје на Алексис Ципрас.

Ѕанакопулос рече дека и во двете земји постојат противници на договорот, квазипатриоти кои ја хранат радикалната десница, а како главни противници ги спомена опозициите и од двете страни на границата.

-Нова демократија вели дека договорот е национално штетен, па а дури и предавнички. ВМРО од Северна Македонија тврди дека договорот е национално штетен и предавнички. Како може и од двете страни да е предавнички? Која вистина е вистинска? Кој од национализмите е во право? Ниту еден. Затоа што национализмите никогаш не се во право, истакна Ѕанакопулос.

На конференцијата организирана од Министерството за дигитална политика, телекомуникации и информации на Грција и Министерството за информатичко општество и администрација на Северна Македонија свои обраќања имаа министерот за дигитална политика, телекомуникации и информации на Грција, Никос Папас и неговиот заменик, Лефтерис Крецос, министерот без ресор и портпарол на грчката влада Димитрис Ѕанакопулос, а од кај нас, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски.

Поврзани новости