Влада категорично: Заев никогаш не се возел во мерцедесот!

by fokus

Во вчерашното соочување на МРТ лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, го праша премиерот, Зоран Заев, дали му е удобно кога се вози во мерцедесот, на што премиерот рече дека никогаш не се возел. Тоа ги испровоцира некои поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ да објават фотографии од Заев како излегува од блиндирано возило.

Од Владата категорично го повторија одговорот на Заев, дека никогаш не се возел во мерцедесот.

„Премиерот, Зоран Заев, никогаш не се возел во мерцедесот и нема да го користи“, велат од Владата за „Фокус“.

Граѓаните ги споредија објавените фотографии. Една од нив постираше на фејсбук и водителот Миленко Неделковски. Но од фотографиите јасно се гледа дека не се работи за истото возило.

На луксузниот мерцедес од 600.000 евра регистарската табличка му е 2936 АC, а од вратите се гледа дека неговиот ентериер е во црна боја. Од друга страна на возилото од кое излегува Заев се забележуваат неколку разлики, неговата регистрација е 1808 AJ, а од вратата може да се види дека неговата внатрешност е во кремаста боја.

Поврзани новости