„То Вима“ повикува на решение: Скопје не е закана за нашата земја, Турција е

by fokus

Во моменти кога преговарачкиот процес меѓу Македонија и Грција ја изгуби динамиката и веќе две недели се чека на најавениот телефонски разговор меѓу премиерите на двете земји, грчкиот весник „То Вима“ објави уреднички коментар во кој ги повикува власта и опозицијата дека е време да се затвори ова прашање. Коментарот на „То Вима“ го објавуваме во целост.

„Доста боксувавме во празно во минатото што се однесува до името на ФИРОМ. Она што се случило пред десет, дваесет или триесет години, денес веќе не е важно.

Очигледно дека Грција загуби историска можност за постигнување на национално корисно сложено име, бидејќи сентименталните испади и националните страсти доминираа на ова прашање, поради минливите мотиви на лицата и политичките партии.

Граѓаните можеби имаат право да ги изразат своите чувства и грижи, легитимни или не. Но, политичките водачи се обврзани прво да ги постават националните и геополитичките интереси на земјата. Тие не смеат да бидат потчинети на популистички концепти и прибирање на гласови. Тоа е токму она што ни се сервира денес со стерилната опсесија со минатото.

Многу медиуми, исто така, ја сносат одговорноста за оваа клима, бидејќи го промовираат патриотизмот и емотивноста кај еден сегмент од грчкото општество. Оваа бедна битка, во моментот кога за прв пат треба да бидеме блиску до решение кое ги гарантира нашите национални интереси, води само до поттикнување политички страсти.

Владата и опозицијата имаат обврска да им дадат до знаење на граѓаните дека Скопје не е закана за нашата земја. Взаемно прифатливо решение ја обезбедува безбедноста и стабилноста на поширокиот балкански регион.

Единствената сериозна и вистинска закана за Грција, како што се гледа секојдневно, доаѓа од Турција.

Ги имаме сите причини да ја затвориме оваа отворена рана на нашите северни граници.

Мала земја која сака да стане членка на НАТО и ЕУ, а која бара соработка, нема можност да ја загрози нашата земја.

Дозволете ни да ги оставиме настрана стравовите и грижите од минатото, и да погледнеме кон иднината со јасни очи.“

Поврзани новости