Спасовски: Имам впечаток дека група во МВР била задолжена за бришење траги и уништување докази

by fokus 13:17
13:17

Настаните во Собранието од 27 април минатата година беа показател за злоупотребата на Министерството за внатрешни работи во партиски цели. Тие немаше да се случат доколку постоеше независна контрола врз министерството, за што реформите сега веќе се во тек и некои од законските решенија веќе се донесени, а некои се во собраниска процедура.

Ова го истакнаа учесниците на дебатата „Омбудсманот меѓу социјалните надлежности и капацитетите: надворешна граѓанска контрола врз работата на полицијата“ што денеска се одржа во Скопје.

- Advertisements -

-Многу работи ќе беа поинакви и можеби немаше да го имавме 27 април 2017 година доколку постоеше независна контрола врз ова Министерство и доколку имавме стандарди по кои сите ние ќе се однесувавме. Како и да е, 27 април мора да биде поука за сите нас, за институциите, за носителите на функции, дека работите мора да ги ставиме на вистински колосек, да ги јакнеме демократските капацитети на институциите, сите заеднички да придонесеме за еден систем што ќе ја гарантира безбедноста во државата, демократските процеси, бидејќи без систем повторно се остава простор на поединци да креираат свој систем што ќе задоволува лични партиски криминални интереси, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Тој додаде дека во министерството сега се подготвени да бидат предмет на контрола, објективна и добронамерна.

– Во минатото најголемите пропусти, очигледно намерни, биле токму во структурите во МВР. И денеска од позиција на министер, кога осознавам за поединечните методи на работа, имам впечаток дека во министерството постоела група на вработени која била задолжена за бришење траги и уништување докази. Група која била политички окупирана, пред се, од високо позиционирани функционери во министерството и затоа ни се случи по повеќе години да имаме одредени случаи во кои не можеме да дојдеме до вистински сознанија и да не можеме да ја затвориме истрагата, истакна Спасовски.

Оцени дека контролата е потребна и колку таа повеќе се развива толку повеќе ќе го јакне интегритетот на полицијата и довербата во неа.

 

Поврзани новости