Силјановска: Деновиве чудесно се уништени доказите против Сашо Мијалков, а за бегството на Груевски никој не понесе одговорност

by fokus

Одлуката да се кандидирам ја донесов поради состојбата на демократијата и концентрацијата на власт во рацете на владеачката коалција, која нема слух ниту за опозицијата, ниту за рефрендумот, истакнува претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова во интервју за српскиот магазин „Политика“.

-Се соочуваме со најтежок облик на заробена држава заевизам, бидејќи институциите се во рацете на расипничка, корумпирана и неспособна елита – вели Силјановска.

Според неа сегашната власт ја одалечува земјата и од европските интеграции и од демократијата.

-Провладините структури се обидуваат на грб да ми ги натоварат сите гревови на ВМРО ДПМНЕ. Мојот одговор на таквите инсинуации е дека доаѓам надвор од кругот на таа партија, дека секогаш ги критикувам лошите политики, дека ја критикував и владата на ВМРО, како што беше реформата во образованието на министерот Никола Тодоров. Факт е дека никој не понесе одговорност за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски. Дел од обвинетите за настаните кои се случија на 27 април, амнестирани се во време на промената на Уставот за да се добие двотретинско мнозинство, а овие денови чудесно се уништени и доказите против Сашо Мијалков, кој беше шеф на тајната служба во време додека Груевски беше на власт. Оние кои дојдоа на власт со слоганот: Нема правда нема мир, сега им се подбиваат и на правото и на правдата – вели професорката по уставно право.

Во врска со промената на името таа додава дека планира да го држи прашањето за името отворено.

-Ќе формирам меѓународна група на експерти кои ќе напишат извештај за кршење на националното и меѓународното право и ќе делуваме по тие наоди – најавува Силјановска доколку биде избрана за претседател.

Поврзани новости