Шилегов ќе ги забранува старите возила во услови на голема загаденост

by fokus 13:26
13:26

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, планира да воведе систем на мапирање на возилата загадувачи за градската управа да забрани нивно движење во сообраќајот во услови на висока загаденост.

На денешниот состанок за аерозагадувањето во главниот град, Шилегов рече дека Градот ќе иницира законски измени со цел при технички преглед на возилата да можат еколошки да се мапираат и зависно од категоризацијата да добијат налепница.

- Advertisements -

-Потоа градските власти ќе можат административно да ги исклучуваат возилата што реално придонесуваат за загадување на воздухот – појасни тој.

Шилегов очекува законските промени да бидат донесени во Собранието до крајот на годинава. До крајот на следната година очекува сите возила на територија на цела држава да добијат налепница.

Тој појасни дека нема да има дополнителни финансиски импликации врз буџетот на граѓаните бидејќи и така секој граѓанин врши технички преглед во текот на годината. Разликата, како што рече, е што при мерење на издувните гасови, што некаде се спроведува, а некаде не, ќе може да се категоризира возилото, каква и колкава количина на издувни гасови има и согласно тоа да се мапира во еколошка смисла.

Шилегов потенцира дека ова е само идеја и оти треба да се доработи. Секое возило би требало да добие соодветна боја на налепница како постојните што ги имаме при регистрација на возилата.

-И потоа, како градоначалник, да можам административно да забранам движење на возила со црвена, жолта или зелена налепница, во зависност како ќе бидат категоризирани. Правиме анализа на категоризација на возилата по издувни гасови, согласно правилата на ЕУ – рече Шилегов.

Според него, мерката „пар-непар“ е неправична бидејќи има нови возила кои имаат парна регистрација и многу стари кои имаат непарна и кои како што рече, реално повеќе го загадуваат воздухот.

Шилегов повтори дека како ќе се зголемува загадувањето на воздухот ќе се воведе скалесто зголемување на цената на паркирање, а ќе има намалување на цената на јавниот градски превоз.

-Идејата е да ги стимулираме граѓаните да го користат јавниот превоз во тие денови повеќе за да не плаќаат поскап паркинг. За на крај да дојдеме до една апсолутно висока цена на паркирање во централното градско подрачје, во однос на бесплатен јавен превоз во деновите кога е критична загаденоста – истакна Шилегов и додаде дека ќе има пуштено зголемен број на автобуси.

Најави дека е подготвен и лично да го носи целокупниот правен ризик и да ги носи одлуките, независно од тоа дали некому му се допаѓале или не.

Поврзани новости