Шилегов: Итно да се престане со труењето кучиња, животните не ни се непријатели

by fokus

Забележано е поставување отров од страна на несовесни граѓани на фрекфентни локации низ Карпош, Центар и Аеродром. Ги повикуваме овие граѓани итно да престанат со поставувањето отров за кучиња од причина што со тоа прават повеќе кривични дела поврзани со насилство врз животните и предизвикување општа опасност, порача денеска градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов откако куче од расата ротвајлер во петокот повреди девет лица во населбата Ново Лисиче.

-Но, мора да прифатиме дека инциденти имало и ќе има. Животните не ни се непријатели. Треба да се гарантира нивната благосостојба, но истовремено и безбедноста на граѓаните и нивната заштита од вакви или слични напади ни е приоритет. Фокусирани сме на овој проблем и се надеваме дека во најкраток можен рок ќе имаме финално решение на проблемот – изјави Шилегов.

Тој соопшти дека е формирана работна група составена од претставник на Град Скопје, на здружението за заштита на животни Анима мунди, граѓанската иницијатива Кане Корзо и од Асоцијацијата на активности за правата на животните. Оваа работна група, рече Шилегов, ќе биде надлежна за следење на состојбата во работата на стационарот Вардариште и хуманиот третман на уличните кучиња.

-Единствениот начин системски да се реши овој проблем е преку обезбедување на контрола на бројот на уличните кучиња по пат на хумано и одговорно времено стациониорање и третирање на животните. Истовремено бараме и системско решение за целосно регулирање на одговорностите на сопствениците на домашни миленици во насока на спречување на ваквите инциденти. Работиме на чипирање на сите кучиња во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство. Ова е процес кој одзема релативно долг временски период и заради тоа апелирам за разбирање од страна на граѓаните- изјави Шилегов.

Поврзани новости