СДСМ: Градоначалникот на Петровец поканува на ифтарска вечера во основно училиште

by fokus

Во Основното училиште Братство и единство во с. Коњари вечерва треба да се одржи ифтарска вечер организирана од градоначалникот на општина Петровец од ВМРО-ДПМНЕ, Борче Митевски, велат од СДСМ.

Од партијата испратија до медиумите покани кои наводно Митевски ги испратил до гостите.

„Добро е што градоначалникот Митевски изразил намера да ја негува и почитува традицијата на нашите сограѓани од исламска вероисповест и тоа е за поздравување. Но, доколку е ова точно, укажуваме дека е несоодветно и незаконски тоа да се случува во училиште“, велат од СДСМ.

Од таму додаваат дека мора да се почитуваат начелата на секуларноста на училиштата и законските одредби за забрана на било какво верско организирање во училиште.

„Како одговорен политички субјект, очекуваме брза реакција од градоаначлникот Борче Митревски, планираната ифтар вечера да ја организира на друга, соодветна локација. Воедно, очекуваме Министерството за образование и наука, преку Државниот просветен инспекторат да преземе соодветни мерки, во рамките на нивните надлежности. Не треба да се  дозволи да се фрли дамка на еден убав чин, поврзан со традицијата на голем број наши сограѓани и да не се дозволи на било каков начин мешање на религиите во образовниот процес“, велат од партијата.

Претходно ифтарска вечера беше организирана во основно училиште во Радовиш, за што беше казнето училиштето и директорката со парични казни, а Државниот просветен инспекторат побара и нејзино разрешување.

Поврзани новости