Кај полицаец од Гостивар најден кокаин

by fokus

Полициски службеник е меѓу десетина уапсени лица завчера за поседување на дрога. Во полициска акција во Струга биле уапсени седум лица за поседување на марихуана, додека во Гостивар биле уапсени две лица за поседување на кокаин, при што еден од нив е полициски службеник.

„На 01.08.2019 во 19,00 часот на магистралниот пат Гостивар-Кичево во близина на наплатна станица од страна на полициски службеници од Полициската станица Гостивар при извршен преглед кај лицата В.Р.(38) од с.Градец-гостиварско и Ќ.Ф.(47) од Гостивар бил пронајден кокаин. Лицата биле приведени во Полициската станица Гостивар за понатамошна постапка“, соопштија од МВР.

Од таму потврдуваат дека еден од уапсените е полициски службеник, кој во тој момент не бил на работна задача.

-По расветлување на случајот, комплетирање и документирање, ќе се направи релевантен поднесок и да, еден од уапсените е полицаец кој не работеше за тоа време, но беше уапсен и се следи вообичаена постапка – велат од МВР.

Полициската акција во Струга пак се одвивала од 20,00 до 05,30 часот на улицата „Партизанска“.

„При преземање на мерки и активности од полициски службеници од Полициската станица Струга, извршени биле прегледи врз лица и возила, при што кај М.С.(31) од Тетово при преглед на патничко моторно возило „Опел Мерива“ со тетовски регистарски ознаки биле пронајдени таблети и марихуана, кај Е.А.(29) од Скопје била пронајдена марихуана, кај И.З.(38) од Струга, при преглед на патничко моторно возило „Опел“ со охридски регистарски ознаки била пронајдена марихуана. Исто така,  кај А.Н.(32) од Битола, при извршен преглед била пронајдена марихуана, кај Д.Н (25) од Штип била пронајдена марихуана, кај И.Г.(30) од Скопје била пронајдена марихуана, кај Т.С.(32) од Битола биле пронајдени таблети. Лицата се лишени од слобода и против нив ќе следат соодветни поднесоци“, соопштија од полицијата.

Поврзани новости