Еуромакс: „Иловица-Штука” нема да користи цијанид

by fokus

Проектот за бакар „Иловица-Штука“ е целосно безбеден и се развива со највисоките стандарди за животна средина, според домашното и меѓународното законодавство. Имајќи го предвид ставот на локалната заедница, менаџментот на компанијата донесе одлука да не го користи цијанидот во постапката, како и суфурната киселина, порачуваат од Еуромакс ресурсис.

Тоа, нагласуваат, е јасна потврда дека определба на компанијата е проектот да се развива со поддршка на локалната заедница, а сите обвинувања се изнесени на паушални основи и не се поткрепени со никакви факти.

– Рудникот ќе работи согласно еколошките стандарди, повисоки од оние утврдени од ЕУ, без никакво влијание врз земјоделството. Еуромакс спроведе транспарентно и сеопфатно вклучување на заедницата и засегнатите страни во текот на изминатите четири години и тоа е темелно документирано во Студијата за влијанието врз животната средина. Со отстранувањето на цијанидот од процесот за обработка на рудата, примарниот производ на проектот „Иловица-Штука” сега ќе биде бакар, појаснуваат од компанијата.

Главниот процес на преработка на рудата, прецизираат, е флотација, физички процес преку кој ќе се произведува бакарен концентрат и ќе биде транспортиран во топилница во Бугарија.

– Овој процес на флотација е сличен на сите постојни големи рудници за метали во Македонија и не вклучува хемиски реакции за растворање на рудата. Реализацијата на проектот за бакар „Иловица-Штука“ ќе има голем економски бенефит за локалната и националната економија. Ќе се отворат 500 нови директни работни места и над 2.700 индиректни вработувања во компаниите изведувачи. На национално ниво проектот ќе учествува со три отсто од БДП на Македонија и ќе обезбедува даночни приходи во висина од 24 милиони евра годишно, велат од Еуромакс ресурсис.

Поврзани новости