Околу тунелот шетале над 500 затвореници, вели директорот на Управата за санкции

by Fokus

Почетокот на тунелот низ кој е планирано бегството на затвореници од КПУ Идризово, се наоѓал во оставите за јаглен, вели за „Фокус“ директорот на Управата за извршување на санкции, Јовица Стојановиќ. Оставите за јаглен, појаснува тој, се користиле од затворениците за шетање. Во овој дел, додава, шетаат над 500 затвореници.

-500 до 600 затвореници шетаат во овој дел од затворот. Речиси сите, освен осудениците за „Диво насеље“. Но треба да се знае дека излегуваат во различно време, не шетаат сите заедно – вели Стојановиќ.

Тунелот почнувал од оставите за јаглен, а завршувал кон заштитната ограда. Позади оградата се наоѓа женското одделение на затворот. Во непосредна близина е затвореното одделение.

Тунелот бил на длабочина од околу еден метар, а во дијаметар од околу 80 сантиметри. Бил обезбеден со попречни греди и тули. Внатре се најдени пластични корпи на кои се врзани јажиња и со кои се извлекувала ископаната земја.

Директорот претпоставува дека земјата завршувала во контејнерите за ѓубре во близина.

-Се претпоставува дека ја фрлале земјава во контејнерите кои се наоѓаат близу оставата, а потоа со ѓубретарки била изнесувана од затворот – додава директорот.

Поврзани новости