Пилотска грешка или откажал моторот – можни причини за падот на авионот во кој се превезувало бугарско семејство

by fokus

При воздухопловни несреќи ниту една верзија не е исклучена додека трае истрагата, но кај експертите преовладуваат мислењата дека причина за падот на авионот Цесна, кој вчера се урна кај Солунска глава, е или пилотска грешка или откажал моторот.

Бугарските медиуми пишуваат дека се работи за четиричлено семејство. Од двете ќерки помалата била на возраст од 14 години, а постарата имала 19 години. Таткото е бугарскиот бизнисмен Георги Бошнаков, кој се бавел со преработка на отпад, додека неговата сопруга Калина Бошнакова била по професија адвокат.

Главниот помошник за безбедност на летовите при Техничкиот универзитет во Бугарија, Марин Петров, за бугарските медиуми вели дека во ваков случај се истражува пилотот, неговата обука, состојбата на авионот и временските услови. Сепак дел од упатените велат дека малиот авион бил во добра состојба.

Бугарскиот експерт за воздухопловство, Ангел Борисов, вели дека теренот каде паднал авионот е опасен, поради серијата на врвови. Во ваков случај, додава, пилотот не смеел да отстапува од патот.

-Пилотска грешка може да е причина за инцидентот. Пилотот прво побарал да слета во Скопје, а потоа заминал за Софија. Друга веројатност може да бидат откажување на моторот – вели тој и додава дека пилотот најверојатно ја потценил ситуацијата.

Инаку, екипи на МВР и на другите надлежни институции денеска ја продолжуваат акцијата да стигнат до остатоците од авионот. Акцијата беше прекината синоќа поради лошите временски услови и непристапниот терен.

-Авионот Цесна за кој во 16:16 часот од М-НАВ беше пријавено дека се изгубил од радар, а полетал од Охрид за Софија од припадници на МВР е лоциран нешто по 19 часот на околу пет километри северозападно од Солунска глава, информира синоќа на прес-конференција портпаролот на МВР Тони Ангеловски.

Лоцирани се преку воздушен простор, но временските услови на локацијата биле лоши, па и покрај сите обиди да се пристапи до авионот, тоа синоќа било невозможно поради непристапниот терен.

Поврзани новости