Петровски: Двајца „тигри“ не нè оставија на само со Муковски, тој не може слободно да размислува

by fokus

Продолжуваат протестите на „Македонија бојкотирам“. По протестот одржан синоќа пред домот на пратеникот Крсто Муковски, демонстрантите викендов ќе протестираат пред куќите на пратениците Сашо Василевски и Љубен Арнаудов во Охрид.

Наспроти меѓународната заедница, која ги осуди заканите и притисоците насочени кон пратениците, Филип Петровски, кој беше синоќа меѓу демонстрантите кои влегоа во домот на Муковски, вели дека власта е таа што му врши притисок.

Според Петровски разговорот синоќа се водел во присуство на двајца специјалци од единицата „Тигри“, кои влегле во куќата заедно со демонстрантите поканети од Муковски.

-Прифативме да влеземе за да му го врачиме очи во очи писмото, бидејќи ќе настанеше инцидент ако тој излезеше надвор меѓу демонстрантите. Мора да се сфати дека народот е револтиран. Внатре Крсте беше обезбедување од специјалната полиција, непотребно. Ние немавме приватност на разговорот. Се испостави дека некој ги чува пратениците 24 часа наспроти нивно волја. Не знам дали го чуваа од нас, или му се поставени од некого за да му вршат притисок. Не постои пракса внатре дома да ти седи полиција, немам видено ваков случај – вели Петровски.

Кон пратениците беа упатувани закани по нивниот живот по гласањето за отворање на Уставот, но Петровски смета дека со овој начин на обезбедување на пратениците им е ускратено правото на слободно размислување.

-Под пресија се и под постојан мониторинг. Не сакаме да го напаѓам Крсте, но е ставен во ситуација да не може слободно да размислува. Инсистирав да знае дека претставуваме огромна група на македонски граѓани, кои не им дале мандат на пратениците за промена на уставното име – додава Петровски.

Тој го коментира и твитот на еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, кој вчера по средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, твитна дека ја поздравив неговата заложба да не го опструира процесот за промена на Уставот во Собранието.

-Мислам дека Мицкоски е соучесник, тоа се покажа со изјавата на Хан. Мицкоски објави статус со кој ја лаже македонската јавност дека со Хан збореле за политичките притисоци и економијата. Всушност разговарале за тоа дека Мицкоски нема да прави опструкции при промената на уставото име и бришење на АСНОМ. Имаме ли причина да не му веруваме на Хан? Немаме – вели Петровски.

Поврзани новости