Пендаровски: На маса е повторно опција за поделба на Косово, ќе биде лошо ако референдумот не успее

by fokus

Националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски во интервју за МКД.мк вели дека ќе биде лошо од аспект на регионот доколку референдумот во Македонија не биде успешен и доколку пропадне договорот за името со Грција. Во случај Македонија да ја пропушти шансата за НАТО, според Пендаровски неизвесноста би била голема затоа што на маса на преговорите меѓу Белград и Приштина, вели тој, повторно се ставени опции за поделба на Косово.

-За наша жал, таму во последно време, на маргините на тие преговори, од влијателни држави се слушаат гласови дека повторно е на маса опцијата да се разменуваат територии или да се подели Косово. Сите знаат дека ако се оди на поделба на Косово, најголема или прва колатерална штета ќе биде Македонија, поради албанскиот фактор, чија бројка во Македонија е значајна и, ако северот на Косово во такви некакви планови се припои кон Србија, јас не можам да видам како албанскиот фактор во Македонија не би го поставил повторно прашањето на границите на Македонија – вели Пендаровски.

Уште во време на преговорите за Охридскиот рамковен договор, додава тој, првото барање на тогашните албански преговарачи беше да се најдат територијални решенија за етничките прашања.

-Значи да има граници, да се разграничиме, за почеток со висок степен на автономија. Тоа барање беше веднаш одбиено од американската делегација предводена од Џејмс Пердју, кој рече дека нема да се оди со територијални решенија за етничките предизвици, туку со значајна или длабока децентрализација. И затоа се отиде на ваква децентрализација. Тоа беше компензацијата за тоа барање и да не заборавиме, во првите неколку соопштенија на тогашната ОНА беше јасно кажано дека идејата е да се истера „славомакедонскиот окупатор“ од албанските земји. Добро е граѓаните да знаат и дека во 2006 година тогашната Контакт-група за Косово донесе декларација од 10 точки во кои прво заговараше независност на Косово, а точката 6, иако не нѐ споменува, зборува за нас и вели дека „утре на независно Косово нема да му биде дозволено да се спојува со други држави во регионот и со делови од други држави во регионот“, и се знае на кого се мислеше. Со Албанија и со делови од Црна Гора и Македонија. Така што духовите на национализмот и екстремизмот во регионот при такво решение за Косово (поделба) евентуално би биле разбудени. Македонија, за жал, секогаш била слабата алка во тој, ние го нарекуваме, безбедносен триаголник меѓу Србија, Косово и Македонија – посочува Пендаровски.

Тој подвлекува дека нашето невлегување во НАТО нема да ја распадне државата, но дека ќе продолжиме да гниеме во самонаметнатата изолација.

Во случај договорот да не помине на референдум, Пендаровски вели дека ќе биде стопиран процесот на преговори со НАТО.

-Се стопира целиот процес, се замрзнува. Тоа и генералниот секретар кога нѐ покани ни го кажа. Ние имаме неусловена покана, тоа е неоспорно, но полноправното членство е условено со политичкиот договор со Грција. Сега не нѐ  условуваат, започнавме со преговори. Но ако не успее референдумот, ако не успеат уставните промени, ако не го финализираме Договорот со Грција што беше пречка претходно 10 години да не добиеме покана да почнеме преговори, во тој случај целиот процес се замрзнува и практично поканата ќе биде или повлечена формално или ќе биде замрзната, односно ставена ад акта – вели тој.

Поврзани новости