Огненовски: Договорот со Грција го доживувам како наметнат, но мора да се прават горчливи компромиси

by fokus

Неодамна се формираше новата политичка партија „Демократи“ по иницијатва на познатиот македонски каратист, Јорго Огненовски, кој поголемиот дел од својот живот го помина во САД. Според разговорот што го направивме со Огненовски „Демократи“ има за цел да се понуди како партија од центарот која ќе се бори против криминалот, корупцијата и партизацијата на општеството. Ставот на партијата кон претстојниот референдум е неутрален, односно оставаат граѓаните сами да одлучат дали ќе гласаат за, против или ќе бојкотираат.

Фокус: Формиравте партија во еден бурен период за Македонија кој е пресуден за земјата, тешко ли е да се пробиете на политичката сцена?

Огненовски: Ќе се согласам со вас дека ова е бурен период. Воедно она што вие го нарекувате пресуден, јас ќе го наречам пресвртен за Македонија. Идејата за политичката партијата „Демократи“ произлезе од самата состојба во која се наоѓаме како држава и како граѓани во последните 27 години, за кој придонес имаа политичките партии и политичарите носители на власта во цел овој период, а кои креираа катастрофална политичка, економска, меѓуграѓанска криза. Политичката партија „Демократи“ ја промовиравме подолг период низ сите градови на државата во комуникација со граѓаните и откако видовме дека кај граѓаните постои интерес за нов политички субјект поразличен од постоечките партии, пристапивме кон собирање на потписи за нејзино формирање. Признавам, дека дури и ние како иницијатори за создавање на нова политичка партија, не очекувавме за краток временски период да собереме 1300 изјави од граѓани за нашата иницијатива. Но, токму тоа се случи, а со тоа беше даден одговор на прашањата дека граѓанинот е свесен дека е фактор и креатор на политиките во сопствената држава. Имајќи предвид  дека сите рокови и целокупната документација за регистрирање на партијата навремено се предадени во Судот за натамошна постапка, сметаме дека нема да има правни пречки за нејзино регистрирање во Регистарот за политички партии на Република Македонија.

Фокус: Зошто решивте да влезете во политиката и која ќе биде вашата кауза?

Огненовски: Причината поради која се појавуваме на политичката сцена во Република Македонија, како нова политичка партија „Демократи“ е да го спречиме понатамошното уништување на граѓаните и на Македонија од страна на политичките партии и политичарите кои со своите манипулативни политики придонесоа за катастрофален живот на граѓаните од секој аспект, како и уништување на правниот и државниот систем. Тргнувајќи од ваквите состојби, нашата кауза ќе биде достоен живот за сите граѓани и еднаш за секогаш да завладее вистинска демократија и слобода базирана на развиена економија по европски и светски стандарди.

Фокус: Се случува помалите партии во Македонија да не можат да опстојат сами и после некое време да се приклонат кон поголемите коалиции? Кон каде би гравитирала Демократи во тој случај, дали кон левите или десничарите?

Огненовски: Во овој момент ние не знаеме дали политичката партија „Демократи“ ќе биде мала партија, а ќе ни дозволите  да се задоволиме само со тоа што ќе ја наречеме нова. Нашите афинитети се да бидеме центар, со намера да го ставиме граѓанинот над политичарот. Тргнувајќи од тоа дека граѓанинот е над политичарот, сметаме дека политичката партија „Демократи“ ќе прерасне во моќен политички субјект, кој ќе може да се спротивстави на големите политички партии кои креираа штетна и погубна политика за граѓаните и Македонија. Политичката партија „Демократи“ при градење и издигнување во моќен политички субјект ќе ги земе во предвид различните мислења, ставови и сугестии на сите граѓани, членови, подржувачи и симпатизери во иднина во нејзиното делување и работење. Програмата и Статутот на Партијата се изработени, не како свето писмо, туку како иницијатива за размисли и нормално можност за дополнување со секоја добронамерна идеја за просперитет на граѓанинот и нашата држава. Политичката партија „Демократи“ ја формираме со една и единствена цел да станеме најмоќна политичка партија во Македонија која ќе работи во интерес на граѓаните и Македонија.  Затоа, сега за сега не би говореле ниту за лево ниту за десно, туку за почит кон потребите на граѓанинот и на нашава држава.

Фокус: Се наближува датумот кога Македонија ќе одлучува за својата иднина на референдум? Кој е ставот на Демократи за референдумот? Дали го подржувате и што мислите за бојкотот?

Огненовски: Името на политичката партија во зародиж е „Демократи“. Она што го рековме на почетокот за пресвртен момент во државата, секако тоа е референдумот кој не очекува. Јас само ќе го повторам ставот кој го содржат нашите основни документи, Програмата и Статутот на партијата. А тоа е дека демократско право на секој граѓанин е да го искористи своето загарантирано право на глас, независно дали тоа ќе биде за или против за даденото прашање, или ќе одлучи да го бојкотира референдумот. Во спротивно, ние уште на почетокот на нашето делување би се прогласиле за негација на името  и ставовите на партијата, а кои сме се определиле да ни бидат водилка во политичкото делување. Почитот кон мислењето на граѓанинот на Македонија не се изразува со наметнување на свое мислење, а уште помалку со забрана секој граѓанин да го искаже своето чувство.

Фокус: Вие лично како ќе гласате?

Огненовски: Доколку сега соопштам како јас ќе гласам се плашам дека некој друг ќе мисли дека треба да гласа според мое убедување, а за мене врв на демоктарија е секој да си ја одлучува својата судбина со свој став.

Фокус: Вашиот став за Договорот со Грција?

Огненовски: Одговарајќи ви на прашањето за Договорот со Грција ќе кажам дека мој личен впечаток од многубројните средби со граѓаните е дека мнозинството од македонскиот народ, го сфаќа договорот со јужниот сосед како наметнат. Истото чувство провејуваше и кај многу учесници на основачкото собрание на политичката партија „Демократи“. И јас го делам ова чувство, за одредени делови од овој Договор со Грција имам забелешки. Но, во политиката, во одредени моменти од постоењето на секоја држава, па и нашава, се прават горчливи компромиси. Јас се сеќавам на горчината која го зафати македонскиот народ во државата и во дијаспората во времето кога нашата држава го доби привременото име ПЈРМ, потоа при промената на знамето од Кутлеш, потоа после потпишувањето на Рамковниот договор. Но, сите тие компромиси се случуваа поради лошите внатрешни и надворешни политики на политичките партии и политичарите кои ја водеа Македонија. Но, што и да се случи со референдумот, политичката партија „Демократи“ ќе ја испочитува вољата на граѓанинот, а кое нешто ќе мора да го испочитува и актуелната власт.

Но, мојата порака до граѓаните на Македонија во овој момент би била, дека ниту овој Договор, ниту многу други нема да ја однесат Македонија во НАТО, ниту во европското семејство со овој начин на применување на европските и светски стандарди од страна на политичките партии и политичарите кои ја водеа Македонија овие 27 години.

Најголем проблем во Македонија е што не се спроведува правото и законите над криминалот и корупцијата од страна на власта, која и да е власт што владееше во последните 27 години.

На пример со промена на власта пред година и нешто народот очекуваше спроведување на правото и законите над криминалот и корупцијата, но за жал остана изневерен.

Со кое лице и едните и другите зборуваат за евро-атланските придобивки, ако не умеат да практикуваат правна држава.

Фокус: Бевте подолго време во Америка каде изградивте свој живот и кариера, доживеавте ли шок кога се вративте назад?

Огненовски: Точно е дека 30 години живеев во САД и се навикнав на тој начин на функционирање на едно општество. Таму нема шанса да не најдете работа ако сте добар работник. Кога решив да се вратам во Македонија и да вложувам во бизнис овде, наидов на невидена бирократија. Иако американските закони ве тераат и ве поддржуваат во секој чекор за ваш успех во бизнисот, што е нормално бидејќи вие ќе придонесувате за економијата на државата со плаќање на даноци, вработување на други лица итн., овде приказната беше сосем спротивна. Пречки на секој чекор, дури повеќепати чувствував и завидливост кај луѓето кои беа задолжени да помогнат за побрзо отпочнување на нов бизнис. Со денови се прашував колкумина од нашите луѓе кои работат надвор од Македонија би сакале да се вратат, да инвестираат, но да не ги доживуваат понижувањата од административните работници и неприкосновените рекетари. Чинам, многу. Доколку граѓаните одлучат дека ние можеме да бидеме нивната опција, ќе им се обратиме ним и на дијаспората и ќе правиме се што можеме да ги убедиме дека условите за почеток на бизнис во државата не се повеќе голгота.

Фокус: Каде го лоцирате најголемиот дефект во политичкиот и општествениот живот во Македонија?

Огненовски: Еден дефект јас не гледам. Гледам целосно изместени вредности кои државата не ја водат никаде, гледам пренагласено присуство на политиката во секој сегмент од државата и морам да кажам дека ја доживувам, не како заробена, туку како метастазирана. Лекот за телото и душата на Македонија е граѓанинот, професионалецот кој си ја знае својата работа и кој ќе се вложи во нејзино заздравување. Такви граѓани имаме во секое населено место во државава, кои можат да бидат соодветно вклучени во еден систем за подобра иднина на граѓаните и Македонија.

Фокус: Познат сте по тоа што снимивте карате филмови во Холивуд, дали ќе имате корист од тоа искуство и во политичките битки?

Огненовски: Јас како дипломиран економист, сопственик на две продуцентски филмски куќи во Холивуд, каде се појавував во улога на продуцент, сценарист, режисер, актер и со стекнатото менаџерско искуство долги години во Америка, би можел да допринесам за развој на економијата, како и други области.

Воедно сакам да истакнам дека сум каратист. Па секој каратист ќе ви каже дека каратето е племенит спорт, дека противникот на татамите не е душман. Од она што го гледам во политичкиве „битки“ во Македонија не само што нема демократија, нема ниту основно почитување на политичкиот опонент, но нема ни почит кон гласачот кој им го овоможил правото да ја водат и раководат државата, а не да владеат со неа небаре им е родово наследство.

Поврзани новости