Нема пари за организиран дочек на Нова година во Неготино

by fokus

Поради лошата финансиска состојба на општината, годинава во Неготино нема да се слави организиран дочек на Новата година на плоштад.

Градоначалникот Тони Делков одлучил средствата да бидат пренаменети во хуманитарни цели, односно да бидат доделени на семејство или установа, каде ќе се процени дека се најпотребни.

Со години наназад, неготинчани имаа можност да слават на плоштад, со познати имиња од македонската фолк сцена, како Сузана Спасовска, Марјана Мишева, Руса Андова и други. Како најголема музичка ѕвезда која успеа да собере илјадници посетители на градскиот плоштад, беше хрватскиот поп пејач Ален Славица во 2014 година, кога во Неготино дојдоа гости од цела Македонија, па дури и неколку групи со обожаватели на пејачот од Лесковац, соседна Србија. Дочекот остана запаметен како најмасовно посетен, со околу 8 илјади посетители, но веќе од наредната година, со настапи на локални музичари, интересот на народот се намали, па едвам неколку стотици луѓе излегуваа на плоштад.

За разлика од Неготино, Кавадарци годинава ќе одвои околу 13.000 евра за Новогодишната и Божиќна прослава, и ќе има дочек на плоштад со бендовите Трилоџи, Лексикон и Бадасал, кој ќе заврши со голем огномет.

Вики Клинчарова

Поврзани новости