Мишо Ковач со проштален концерт во Скопје: По смртта на Еди никогаш не се заинтересирав за животот!

by fokus 12:08
12:08

Популарниот хрватски поп пејач Мишо Ковач ќе одржи голем концерт во Скопје. Настанот ќе се случува на 17 фебруари 2018 година, во ВИП арена Борис Трајковски , а билетите ќе бидат пуштени во продажба од утре.

Организатор на настанот е Прагма Продукција, од каде информираат дека по 20 години од последното гостување на Ковач во Македонија, во месецот на виното и љубовта, нашата публика повторно ќе може да ужива во неговите безвременски песни кои ќе бидат отпеани во живо. Од продукцијата исто така соопштуваат дека ова ќе биде последен концерт на Мишо во живо во Скопје.

- Advertisements -

Сите кои сакаат да се присетат на хитовите „Остала си увјек иста“ „Један дан живота“ „Ти си пјесма моје душе“ „Ако ме оставиш“ и многу други, можат да купат билети преку продажната мрежа на kupikartizase.com, Пола Југотон, Југотон и Розе Веро 2.

Седумдесет и шест годишниот пејач е роден во Хрватска, и кон крајот на шеесетите години на минатиот век стана еден од најпопуларните пејачи во поранешна Југославија. Исто така, тој е пејач со најмногу продадени плочи со забавна музика во поранешна Југославија. Се повлече од јавноста во 1992 година, кога неговиот син Еди беше убиен под сомнителни околности.

-После смртта на Еди, никогаш повеќе не се заинтересирав за животот – знаеше често да изјави за хрватските медиуми.

На 14 фебруари 1999 година во Загреб, се обиде да се самоубие, пукајќи во себе со пиштол. По опоравувањето одржа проштален концерт во Сплит, пред повеќе од 50.000 публика. Проштални концерти пред преполни сали одржа и во Загреб и други поголеми градови, но сепак не стави крај на музичката кариера и сними уште неколку албуми оттогаш.

Вики Клинчарова

Поврзани новости