Лежев 11 месеци затвор за злоупотреба на службено возило, а Велковски доби само отказ!

by fokus

Тринаесет години траеше правната битка на Ванчо Каранфилов, некогаше локален функционер на ВМРО-ДПМНЕ. Во 2015 година конечно заврши судскиот процес против него кој датира уште во далечната 2002 година, кога власта ја презеде тогашната гарнитура на СДСМ. Против Каранфилов беа покренати низа кривични пријави, за кои тврди дека се политички монтирани. Сепак во 2005 година тој одлежа 11 месеци во затвор. Причината, ни помалку ни повеќе. туку злоупотреба на службено возило.

Приказната на Каранфилов станува актуелна и денеска кога Владата на СДСМ разреши свој функционер за слично кривично дело. Сега веќе екс директорот на БЈБ, Лазе Велковски, остана без својата функција затоа што наредил неговата ќерка да се превезе до Грција со возило во сопственот на МВР.

Голготата на Велковски не траеше тринаесет години, туку недела и половина. Десетина дена откако „ренџ роверот“ беше фотографиран како ја преминува македонско-грчката граница, на дневен ред на владина седница дојде точката за негово разрешување.

И тука заврши се. Против Велковски не беше поднесена кривична пријава, како што власта деновиве поднесува против градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, и како што беше поднесена во 2002 година против Каранфилов, поради што одлежа и затворска казна.

Тој денеска прашува зошто законите не важат за сите подеднакво. Бил осуден затоа што, исто како ќерката на Велковски, со службено возило бил превезен во Грција со фамилијата, но во неговиот случај само што доживеал инфаркт, а за превозот ги подмирил сите трошоци.

-Бев директор на подрачната единица на „Електродистрибуција“ во Кочани од 1999 до 2002 година. Дипломиран правник сум и основач на ВМРО-ДПМНЕ. Целиот прогон против мене беше партиска директива, што се гледаше од авион. Морам да споменам дека во јули 2001 година учествував на кумановскиот и тетовскиот фронт, што допринесе да ми се влоши здравствената ситуација. Бев во акутна пред-инфарктна состојба, а во септември доживеав инфаркт и едвај останав жив – вели Каранфилов.

Тој за „Фокус“ ги раскажа овие детали за да се сфати оправданоста од неговото користење на службеното возило.

-Ми вградија стент после инфарктот. Сакам да појаснам дека во животот немам кола, не сум возач. Ми беше доделено службено „ауди 4“ и го прашав тогашниот директор Ламбе Арнаудовски, дали може со колата и со препорака на лекар да заминам фамилијарно на одмор и дека ќе ги платам трошоците. Тој се налути што воопшто го прашувам. Шоферот само ме однесе со службеното возило до Лептокарија е се врати. Платив гориво, патарина, дневница на шоферот и ручеци, што тој го изјави пред суд. Имав доказ пред судот дека сум добил дозвола од директорот и дека никаква штета на фирмата не била направена, но напразно – вели Каранфилов.

Во 2004 година судот му досудил 11 месеци затвор за злоупотреба на службеното возило и за тоа што, како што вели, се согласил да биде гарант на локалниот огранок на ВМРО-ДПМНЕ при набавка на неколку столчиња за партијата.

Во 2005 година се јавил доброволно на одлежување на затворската казна.

-Не ме ослободија ни условно, а бев тешко болен. За 11 месеци пет пати се онесвестив и со Брза помош бев префрлан од затворот во болница каде ме враќаа во живот. Имав страшни проблеми по здравјето поради самото присусуство во затворорт, условите, постојатното постројување.. Бев пратен таму да умрам и да не се вратам – раскажува тој.

Смета дека бил мета на политичка хајка. По промена на власта, вели, се апсеа поранешни функционери во секој град. Против него биле поднесени уште три кривични пријави, но обвинението не можело да се докаже, па во 2015 година тој е ослободен од вина. Но 10 години му биле скратени од животот, не можел да најде работа затоа што бил кривично гонет.

-Сега гледам како масовно се злоупотребуваат службени возила, како во овој случај со Велковски. Тоа се прави секој ден и на локално и на централно ниво. Јас доброволно платив и гориво и патарина, а сепак ме осудија. Добро, ама ако важи за мене нека важи законот за сите. Тоа е прв и последен случај некој да одговара за тоа – додава тој.

Без разлика на партиската определност, додава тој, законите мора да важат за сите подеднакво. Каранфилов се сложува и дека требаше да биде покрената кривична постапка и во случајот со поранешниот министер за труд и социјала, Диме Спасов, кој беше затекнат во службено возило откако предизвика сообраќајна несреќа низ улиците на Скопје.

Злоупотребата на службените возила е често повод за кривични пријави што се гледа од билтените на МВР, сепак се уште изгледа владеат двојни аршини.

Маја Васева

Поврзани новости