Корупцијата кај пратениците и во правосудството сѐ уште сериозен проблем во Македонија

by fokus 11:55
11:55

Државата не презема доволно активности за борба против корупцијата, велат од невладината организација Транспаренси Интернешнл – Македонија. Од таму посочуваат дека се уште не е постапено и не се отстранети забелешките на ГРЕКО (земји за борба против корупцијата) од извештајот донесен во декември 2013 година. Според невладината, Република Македонија и понатаму не презема доволни напори за исполнување на препораките на ГРЕКО.

„Ова го потврдува и неодамна дадената изјава на Марин Мрчела, Претседател на ГРЕКО, кој говорејќи на Тркалезната маса „Улогата на судечкиот судија во доказната постапка“, во организација на ОБСЕ и Академијата за судии и јавни обвинители, истакна дека ГРЕКО очекува препораките да се исполнат не поради самата група на држави за борба против корупцијата, туку поради граѓаните на Република Македонија. Од 19 препораки во извештајот, три се исполнети, десет се делумно исполнети, а шест не се воопшто исполнети“, велат од Транспаренси Интернешнл – Македонија.

- Advertisements -

Четири од препораките за кои недостасува имплементација се однесуваат на спречувањето на корупција кај членовите на Собранието на РМ, а другите две неспроведени препораки се однесуваат на судството и јавното обвинителство.

„Во јануари годинава Транспаренси Интернешнл – Македонија веќе ја извести јавноста дека државата не презема доволно активности за борба против корупцијата согласно овие препораки. Денес, речиси една година подоцна, работите не се поместени од точката на која што биле и тогаш, а тоа го потврдува и последната изјава на Мрчела“, посочуваат од невладината.

Поради тоа, Транспаренси Интернешнл – Македонија ја повикува Владата на Република Македонија сериозно да се зафати со исполнувањето на овие препораки, така што ќе формира посебен тим кој ќе го следи спроведувањето на овие препораки.

„Сметаме дека тоа е неопходно со цел да се држи чекор со одговорностите кои државата ги презела, и тоа, како што вели Мрчела, не поради ГРЕКО, туку поради граѓаните на РМ“, порачуваат од таму.

 

Поврзани новости