Комичар кој глуми претседател во хит серија води по првиот круг од претседателските избори во Украина

by fokus

Комичарот Володимир Зеленски освои најмногу гласови на претседателските избори денеска во Украина, но не доволно за да победи уште во првиот круг, покажуваат излезните анкети.

Зеленски, според анкетите, освои 30,4 отсто од гласовите, додека на второ место е актуелниот претседател Петро Порошенко со 17,8 отсто од гласовите.

Поранешната премиерка Јулија Тимошенко е на трето место со поддршка од 14,2 отсто од гласачите.

Ова се излезни анкети базирани на речиси 18.000 испитаници од околу 400 избирачки места.

На изборите во Украина силите ги измерија 39 кандидати, а анкетите пред гласањето покажуваа дека Зеленски, актерот кој го игра претседателот во популарна комична серија, има најголема поддршка од гласачите.

Истражувањата покажаа дека ниту еден од кандидатите нема да успее да освои 50 отсто плус еден глас, така што речиси е сигурно дека на 21 април ќе се одржи вториот круг, со двајца најдобро позиционирани кандидати.

Поврзани новости