КОД: Во „Фени“ се враќаат менаџери кои го доведоа комбинатот до стечај

by fokus

Истражувачката сторија на „Код“ на „Телма“ ја открива мрежата од менаџери, фирми и управители кои го доведоа комбинатот во стечај со долг од 65 милиони евра. Според „Код“ кругот по кој се движеле и излевале парите е исцртан од фирмата „Кунико“ која до лани управуваше со гигантот.

Зад „Кунико“ стојат тројца Казахстанци и еден Израелец. Фирмата е регистрирана во Холандија, а во „Фени“ влегува во 2004 година.

Мрежата почнува од гватамалски рудник во сопственост на „Кунико“ од каде потекнува фероникелот. Рудата ја купува трета фирма „Кунико маркетинг“ од Дубаи и потоа за поскапа цена ја препорадава на „Кунико“ на „Фени“ во Кавадарци. Таму се обработува и се произведува никелот.

Кога во Кавадарци ќе биде произведен никелот од поскапа руда, цената за производство е повисока. Профитот не останува во Кавадарци во Македонија, туку се прелева на сметка на фирмата во Дубаи, истражува „Код“.

Сега со „Фени“ управува Еуроникел, а сопственик е фирмата GSOL, фирма со адреса на Карипските острови. Адресата и фирмата ги има во базата на податоци на Панама пејперс на Меѓународниот новинарски истражувачки центар. Во истата база на податоци за оф шор фирми ги има и газдите на „Фени“ од контроверзниот Кунико, кои го донесоа комбинатот во стечај.

Фирмата се поврзува со Јонис Бутафис, кој работел со фероникел и кој од 2007 година бил директор на фирма за фероникел во Косово, сопственост на контроверзното „Кунико“.

Адвокатите на дел од доверителите на „Фени“ сметаат дека истата структура која до јануари 2016 го водела „Фени“ полека се враќа назад, но сега како претседатели на GSOL.

Меѓу нив е Константинос Даскалакис. Даскалакис со „Фени“ управува во време кога се земаат долговите од банките. „Код“ дознава дека од „Кунико“ бил награден со 2 милиони евра бонус.

Според информации на „Транспаренси интернешнл“ Даскалакис повторно се појавува во групата на евентуални купувачи.

Јасно е зошто е голем интересот за „Фени“ ако се има предвид проценката дека комбинатот има годишен профит од 35 милиони евра.

Поврзани новости