Кацарска им одржа лекција на политичарите пред да го осуди Груевски

by fokus

Судијката Добрила Кацарска непосредно пред да ја изрече пресудата во случајот „Тенк“, одржа мала лекција до носителите на јавни функции. Кацарска порача дека јавните функционери мора да бида одговорни и транспарентни во управувањето со народните пари. Според неа, Груевски со набавката на луксузниот мерцедес ги потценил и омаловажил граѓаните.

-Чест е да се биде носител на јавна функција во Република Македонија, особено е чест да се биде премиер. Затоа истиот треба да се грижи за интересите на грѓаните, не само тој туку секој носител на јавна функција треба да знае дека еден од основните принципи е принципот на отчетност. Граѓаните на Република Македонија мора да знаат како се трошат нивните пари. Никој, најмалку носителот на јавна функција, тука секако пред се премиерот, не смее да ги потценува и омаловажува граѓаните како што тоа го сторил обвинетиот Никола Груевски. Тој успеал да обезбеди за себе на незаконит начин возило марка мерцедес – рече Кацарска.

Понатаму во својот говор таа ги прераскажа прислушуваните разговори.

-Како што вели тој со ова возило нема да се превезува додека да се одржат локалните избори. Имено се договориле да глумат дека возилото е на МВР, па кога ќе имало новинари ќе се возел пред нив со други возила – рече Кацарска и додаде дека ова било правено со цел да не се изгубат политички поени.

Потоа таа ја соопшти пресудата со која на Груевски му досудува две години затвор, а на Ѓоко Поповски шест години и шест месеци.

Поврзани новости