Јанева остана сама пред камерите, а бегањето од прашања само ги подгреа шпекулациите

by fokus 12:41
12:41

И по прес конференцијата која вчера ја одржа шефицата на СЈО во оставка, Катица Јанева, не стивнуваат реакции и коментарите за нејзината вмешаност во една од покрупните афери во земјава. По една недела од отворање на истражната постапка за случајот „Рекет“, Јанева реши да и се обрати на јавноста и нејзиното обраќање траеше неполни пет минути.

Зошто Јанева ја немаше никаде цела недела? Зошто ја поднесе оставката само неколку часа пред апсењето на двајцата осомничени во случајот „Рекет“? Зошто на прес конференцијата излезе сама под рефлекторите и каде беше нејзиниот тим кој стоеше зад неа до сега?

- Advertisements -

Ова се мал дел од многуте прашања кои се наметнуваат и на кои Јанева требаше да одговори, но наместо тоа избра да прочита кратко соопштение и да се повлече од пред камерите.

Твитер заедницата на зајадлив и саркастичен начин го коментира ова бегање од новинарските прашања, па го препишува на тоа што Јанева не се снаоѓаше во давањето изјави, а често мака мачеше и при читање на веќе подготвени соопштенија.

Оставајќи неодговорени прашања, Јанева уште повеќе ги подгреа шпекулациите за нејзината вмешаност. Она што падна во очи е и отсуството на нејзиниот тим. Обвинителите се огласија претходната недела, кога сите ја очекуваа Јанева, а при тоа и се оградија од својата шефица така што изразија подготвеност да соработуваат во истрагата за „Рекет“.

-Пресот на Јанева беше обид за сопствено извлекување од одговорноса која многу веројатно ја има. Она што е можно да се забележи меѓу редови е дека има направено дил со власта во меѓувреме да не дозволат да потоне бидејќи и самите можеби имаат удел – вели синдикалецот и активист, Здравко Савески.

Како еден од демонстрантите кои протестираа за поддршка на СЈО, тој смета дека случајот „Рекет“ покажува дека правдата денеска е уште понедостижна.

-Срамота е тоа што избега од прес конференцијата и од прашањата кои и ги должи на јавноста. Во јавноста прво има големо разочарување, второ бес од тоа колку длабоко има навлезено корупцијата на целата владејачка структура. Веќе луѓето немаат илузии во каква држава живеат, а таа држава не е ниту демокртска ниту правна ниту со било какви надежи дека во догледна иднина ќе се зачлени во ЕУ – смета Савески.

Денеска различно се толкува изјавата на Јанева каде вели дека се познавала со првосомничениот Бојан Јовановски – Боки 13, како што се познавале и многу други владини функционери. Според дел од аналитичарите ова може да фрли ново светло на истрагата, бидејќи и високи функционери на СДСМ се споменуваат во аферата која ја тресе власта. Савески верува дека има обиди да за заташка вмешаноста на дел од инволвираните.

-Јанева сака да се спаси, тоа е очигледно, но прашањето по прес конференцијата е дали ќе и дозволи власта да се спаси. Зборуваме за претпоставки, веројатни работи и не ги знаеме фактите, а факт е дека владејачката структура ќе се труди да ги скрие – додава тој.

Но не сите изгубија доверба во СЈО. Дел од стручната јавност смета дека се уште има надеж ова Обвинителство да се спаси и покрај тоа што е сега компромитирано од случајот „Рекет“. Полтитикологот и доцент на Правниот факултет, Ана Чупеска Станишковска, смета дека аферата на никој начин не може и не смее да им наштети на предметите кои ги водат обвинителите во СЈО, и во рамки на кои се собрани сериозни докази за сторен криминал од претходни функционери.

При тоа Чупеска посочува на делот од изјавата на Јанева каде вели дека подолг период е свесна за злоупотреби на нејзиното име. Како што рече Јанева, името и презимето и го злоупотребувале за различни цели и тоа не само од страна на Бојан Јовановски. Што се случило со овие сознанија?, прашува Чупеска.

-Независно од изјавата на Јанева, важно е институциите како и до сега, да продолжат да си ја вршат својата работа беспрекорно!, односно истрагата да се завши што побрзо. Додека трае истрагата, сметам дека е важно,  да се води сметка и за презумпцијата на невиност , и во тој дел ми се чини дека Јанева со пресот токму тоа сакаше да го потенцира, имено се огради. Но,  иако г-ѓа Јанева ги  демантираше последните настани, сепак останува нејасно што се случило со сознаниајата со кои таа располагала, а во врска со злоупотреба на нејзиниот авторитет , т.е. на СЈО.  Ете, токму затоа најважно е да ги дочекаме резултатите од истрагата, а паралелно   потребна е итна инеграција на СЈО во ОЈО. Впрочем, колку и да е збунета јавноста , оправдано, од последниве настани, тие не смееат да ги фрлат во сенка тековните истаги што се водат во СЈО, ниту пак да ја доведат во прашање работата на СЈО – вели Чупеска.

М.В.

Поврзани новости