Илинден во Крушево се слави на три јазици: македонски, влашки и албански

by fokus

Општина Крушево оваа година го прославува државниот празник Илинден на трите официјални јазици во општината, македонски, албански и влашки.

„Нашата општина е тријазична општина, затоа на трите официјални јазици го претставуваме официјалниот банер за престојниот празник“, напиша на фејсбук градоначалникот, Томе Христоски.

Македонија утре ќе го одбележи Денот на Републиката 2 Август и двата историски Илиндена – 115 години од почетокот на Илинденското востание и 74 години од Првото заседание на АСНОМ.

Делегацијата на Мечкин Камен во Крушево ќе ја предводи претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов. Во 9.30 часот ќе биде положено свежо цвеќе на гробот на Никола Карев, а во 10 часот на Споменикот на хероите во месноста Слива. Во 12 часот ќе биде положено цвеќе на Мечкин Камен, по што претседателот Иванов ќе има обраќање.

На Мечкин Камен ќе присуствува и владина делегација составена од вицепремиерот Кочо Анѓушев, министрите за транспорт и врски, информатичко општество и администрација, локална самоуправа и за здравство, Горан Сугарески, Дамјан Манчевски, Сухејл Фазлиу и Венко Филипче.

Чествувањето во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце ќе почне во 11 часот. Во делегацијата, која ќе ја предводи претседателот на Владата Зоран Заев, ќе бидат министрите за внатрешни и за надворешни работи, за правда и за култура, Оливер Спасовски, Никола Димитров, Рената Дескоска и Асаф Адеми. Тие ќе положат цвеќе во Меморијалниот центар, а обраќањето на премиерот Заев е предвидено за 11.30 часот.

Поврзани новости