Груевски ги нарече забегани гласачите на СДСМ и најави враќање на сите споменици кои ќе се срушат или дислоцираат

by fokus

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, вели дека спомениците, фасадите и објектите од центарот на Скопје кои ќе подлежат на промени ќе бидат обновени откако оваа партија ќе се врати на власт. Во третиот дел од интервјуто дадено за „Република“ ги нарекува забегани гласачите на СДСМ.

„Треба да знаат дека се што ќе срушат, разместат, затворат или преименуваат, ВМРО-ДПМНЕ по враќањето на власт ќе го врати во првобитна состојба. Само ќе ги трошат парите на народот за да си прават краткорочни политички поени пред нивните најзабегани гласачи и да демонстрираат сила. И ќе внесат нова омраза, конфликтност и поделеност. А зарем можете да замислите дека некој споменик ќе се тргне и никогаш нема да се врати? На што би личела ВМРО-ДПМНЕ кога ќе се врати на власт, да не ја исправи таа неправда направена затоа што некој сакал да лечи хирови, или да удоволи на некоја соседна држава“, вели Груевски.

Според него враќањето на спомениците ќе биде аманет на ВМРО-ДПМНЕ, долг кон претците, но и еден одговор, како што вели, кон секој кој верува дека еднаш засекогаш може да се скрши кичмата на Mакедонците.

„Тие споменици, музеи, аеродроми и.т.н. кои ќе бидат срушени, разместени, затворени, преименувани, ќе добијат една своја пославна историја. Знаете, да постои споменик, кој подоцна друг го руши, тоа само по себе е историја и приказна која на споменикот и ликот на него му дава епски димензии за во иднина. Го прави многу пославен и позначаен од тоа што реално е“, додава лидерот на десничарите.

Тој најавува дека доколку спомениците бидат разместени во други градови, при нивното враќање во Скопје може да се направи, по уште една копија, како што вели, за градовите каде привремно биле сместени.

За споменикот на Мајка Тереза вели дека склуптури со големина од 4 или најмногу 5 метри, воопшто не се нешто мегаломанско и дека таа големина на фигури е на најголем дел од спомениците низ Скопје.

„И кога зборувам за инвестицијата како инвестиција, таа сама по себе ќе се врати од нејзиното влијанието врз туризмот. Договорот е потпишан на база на објавен тендер. Колку што знам сите фигури се завршени од склупторите и се во завршна фаза на обработка во мермерница. Па, погледнете, речиси сите кои доаѓаат од надвор се воодушевуваат и честитаат на изгледот на центарот на Скопје, а СДСМ дебатира за негово рушење заради чисти политичко партиски мотиви. Обичните туристи, не можат да го сфатат тоа. Тие зачудено гледаат кога им се раскажува дека дојде нова власт која сака да руши и разместува дел од создаденото“, вели Груевски.

За најавите дека ќе биде срушен споменикот на Андон Јанев Ќосето пред судска палата Груевски одговара:

„Да, со една необмислена аргументација дека тој бил убиец. Андон Јанев Ќосето бил револуционер и војвода, претходно бил човек од најголема доверба на Гоце Делчев, Даме Груев и др. Христо Татарчев. Сите тие, сите војводи, комити, и нивни раководители воделе револуционерна, а не литературна борба, бидејќи слободата не можела да се добие без револуционерна борба. Револуционерната борба бара жртви, човечки загуби, ликвидации, и така било и во времето на ВМРО и во НОБ. Јас би им порачал нешто на СДСМ и Заев: а да изградевте прво нешто пред да почнете да рушите?!!!  Се ќе се врати на свое место“, порачува тој.

За обвиненијата против него вели дека се фабрикувани и дека процесите се политички.

Поврзани новости