Груевски бара експерти на ВМРО-ДПМНЕ да се вклучат во реформите на правниот систем

by fokus 16:16
16:16

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Гриевски, бара активно учество на опозицијата во подоготовка на законите од областа на правото. Во вториот дел од интервјуото за „Република“, Груевски бара во подготовка на реформите да се вклучат експерти кои тие би ги предложиле.

„За реформите не не вклучуваат во ништо. Веројатно кога ќе ги напишат законите и поминат на Влада, ќе бараат поддршка, но тоа не е вклучување, туку барање поддршка за нешто што друг го смислил и воопшто не го интересирало нашето мислење. Вклучување е ако од нас побараат поголем број експерти, за кои освен стручност, ние веруваме дека не се партиски поданици на СДСМ, па тие да влезат во подготовките на актите уште во нивна рана фаза, и да имаат реално влијание, да се разговара со аргументите на правото, а не со аргументите на силата, од самиот почеток“, вели Груевски.

- Advertisements -

Тој повторува дека локалните избори биле украдени и фалсификувани со поддршка од полицијата која била впрегната во интерес на СДСМ.

„Но, кога сме веќе кај народот, познавајќи го, знам дека ова нема да трае долго. Заканите и притисоците, уцените и поткупот можеби времено ќе дадат некој резултат, но во еден момент тоа ќе престане да функционира и работите ќе се свртат. Во политиката особено важи онаа поговорка која вели дека стапот има два краја, колку и во даден момент тоа да изгледа невозможно“, додава лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Во врска со законот за употреба на јазиците, Груевски вели дека такво законско решение ќе придонесе за продлабочување на односите меѓу двете најголеми заедници затоа што Албанците и Македонците повеќе нема да се разбираат. Сите, вели, ќе го негуваат и учат својот матичен јазик.

„Ние не се плашиме и немаме ништо против албанскиот јазик или Албанците во Македонија. Тие се наши сограѓани, а многу од нив и наши лични и драги пријатели. Нивниот јазик го почитуваме и тоа сме го покажале со многу гестови во минатото, тргнувајки од првото носење на законот за употреба на јазиците во 2008 година, прифаќањето на Денот на азбуката за празник во Македонија на сите Албанци, поддршка на албанската литература и книжевност, преводи на стручни книги покрај на македонски и на албански јазик, создавање на Институт за духовно и културно наследство на Албанците, создавање на нов Универзитет на албански јазик „Мајка Тереза“, и проширување на Тетовскиот универзитет во повеќе општини и на повеќе струки, воведовме и државни грантови од буџетот за Штуловиот универзитет и.т.н. Значи проблемот не е во јазикот или луѓето. Проблемот е во тоа што и онака Македонците и Албанците живеат едни покрај други, а не едни со други во оваа држава, и што овој закон тоа ќе го продлабочи. Кога тоа ќе го нема, кога двата јазика ќе се изедначат и покрај тоа што едниот го говорат само околу 22 отсто од населението според последниот попис од 2002 година, мислам на албанскиот јазик, а македонскиот над две третини, а и останатите одлично го говорат, тогаш со тек на времето, во следните 20-30 години нема да можеме да се разбереме меѓу нас“, додава тој.

 

Поврзани новости