Ѓоко како Бредли Купер, Кате како Лејди Гага: Очекувајте емотивен земјотрес, ќе бидеме подобри од оригиналот!

by fokus

Хитовската иведба на песната „Shallow” на Бредли Купер и Лејди Гага добива своја верзија во изведба на наши естрадни уметници. Поп пејачот Ѓоко Ѓорчев ќе се најде во улогата на Купер, додека пак фолк пејачката Кате од групата ,,Соната” ќе ги пее стиховите на Гага.

Ѓорчев, кој поради специфичната боја на гласот е познат во јавноста и како македонски Том Џонс, ни ја потврди веста за проектот, кој треба да биде промовиран во април. Вели дека се воодушевил од изведбата на Купер и Гага, и верувал дека со Кате ќе ги донесат истите емоции кај публиката со нивната преработка.

-Бредли Купер и Лејди Гага направија сензационална изведба на песната ,,Shallow”. Тоа ми беше доволен мотив да започнам да размислувам за нов проект, за нешто кое ќе ја разбуди нашата естрадна сцена од сон. Го контактирав Владимир Дојчиновски, кој веднаш прифати да ми направи аранжман за песната, која освои Оскар во филмот ,,Star is born”.

Се одлучив дуетски да ја отпејам со Кате од групата ,,Соната” и покрај тоа што таа е во фолк водите. Долго време ја познавам, знам дека е топ пејачка и одлично се снаоѓа и во поп музиката. Двајцата песната ќе ја отпееме совршено, ќе има за што да се зборува и пишува наредниот период. Публиката нека очекува емотивен земјотрес и изведба на која никој нема да остане рамнодушен – вели Ѓорчев.

Додава дека филмот многу му се допаднал, а емотивниот настап на Купер и Гага, кој се најде во сите светски медиуми му бил само поттик да понуди нешто слично и на нашата сцена.

-Филмот ме воодушеви, иако ова е само римејк на ,,Star is born” со Крис Кристоферсон и Барбара Стрејсенд. Песната е преполна со емоции, а јас никогаш не сум погрешил во мојата проценка за некое музичко дело. Веднаш си реков дека морам да ја отпеам. Покрај аранжманот за ,,Shallow”, Дојчиновски ми прави аранжман и за песната ,,I’ll never fall in love again” од Том Џонс, еден од неговите најголеми хитови. Значи, публиката во април може да очекува преработки на два големи хита. Време е нашата естрада да се разбуди и да го почувствува Холивудскиот гламур, за кој верувам дека имаме капацитет и квалитет да го пренесеме на сцената и кај нас – ни изјави музичарот.

На крајот на октомври минатата година тој одржа голем концерт во МОБ во Скопје, со кој одбележа 25 години на сцената. Тогаш ни изјави дека поддршката од публиката и семејството му помогнала да истрае целото време на естрадата и најави дека во иднина планира уште попосветено да работи на својата кариера.

Вики Клинчарова

Поврзани новости