Гласот на текстилните работници одекна на Широк сокак: Ни забранија да одиме во тоалет, надзорничката ми рече да носам пелени

by fokus

„Не можам повеќе да ги издржам постојаните закани дека ќе не отпуштат. –Земи лекови за смирување. Јас ги пијам за притисок, ми скокна на 190/100 откако почнав да работам. – Ниту овој месец немав доволно пари да ги платам сметките за струја, а камоли каматите и долгот. Работам 12 часа дневно, работам и во сабота, а пак немам од што да живеам.“

Ова е суровата реалност во фабриките од текстилната индустрија. Приказната во Србија е иста како и во Македонија. Работниците работат прекувремено за плати под минимумот, условите во кои работат се нехумани и неиздржливи, надредените кон нив се однесуваат како да се робовладетели со камшици во раце, а синдикалното организирање е практично невозможно затоа што на работниците постојано им виси отказ над глава.

Реалноста, колку и да е одбивна за јавноста, вчера одекна на Широк сокак каде уметниците од Белград, Рена Редле и Владан Јеремиќ одржаа уметничка интервенција во јавен простор, како дел од програмата на овогодинешниот фестивал за современи уметности АКТО. Тие застануваа пред продавниците за гардероба од познати брендирани ланци и ги читаа дијалозите што ги воделе текстилните работници, оние кои стојат зад облеката што општеството така немарно и несвесно ја купува.

„Ни забранија да одиме во тоалет. Мене надзорничката ми кажа да носам пелени ако не можам да истрпам. Дали е нормална? – Ќути, таа изјави дека сите ќе завршиме на гробишта ако фирмата ја напушти Србија. Фирмата ќе отиде ако работниците не ја исполнат квотата која од нив се бара“, ова е дел од дијалогот кој меѓу себе го воделе текстилните работници во септември 2016 година во фабриката GEOX во Врање кога конечно решаваат да се спротивстават.

Работниците тогаш организираат штрајк и за прв пат се појавува обид за синдикално организирање. Нивниот подвиг е кратко потоа осуетен, кога оние што биле дел од штрајкот добиваат отказ.

Редле и Јеремиќ ги преточуваат нивните зборови во дијалог на проектот „Глуви чевли“, кој се занимава со призводствениот синџир на конфециската индустрија воспоставен меѓу Италија и Србија.

-Избравме студија на случај, односно примерот со производителот на чевли GEOX, инвестиција помогната од српската влада преку високи субвенции и даночни ослободувања. За оваа уметничка интервенција избравме случај каде работниците се договорија да излезат на штрајк. Штрајкот траеше само неколку саати, но беше голем успех затоа што работниците сами се организираа и одлучија на таков чекор. Со тоа се даде надеж дека работите некако ќе се придвижат во овие фабрики – велат уметниците.

Многу работи делуваат идентично со животот на текстилните работници во Македонија. И во двете земји актуелните влади ги привлекуваат странските инвеститори ветувајќи им евтина работна рака, експоатацијата се толерира, а синдикално организирање е практично забрането.

„Дали сте слушнале дека претседателот не рекламира како евтина работна сила? Српската влада им го субвенционира на инвеститорите секое работно место кое се отвора и им ветува дека синдикатите нема да се побунат поради непчитување на работничкте права,“ – вели една работничка од дијалогот на „Глуви чевли“.

Слични случаи забележаа новинарите и во фабриките во Македонија. Во списанието „Текстилец“ изработено од  и за текстилните работници, на првата страна стои примерот каде на мало ливче работници добивале рачно напишана пресметка, колку пари ќе им бидат дадени, минус парите што треба да ги вратат, што е еднакво на платата од околу стотина евра која им останува.

Списанието вчера беше раздавано низ Широк сокак на минувачи и на луѓе седнати во кафулињата, додека траеше уметничката интервенција на Редле и Јеремиќ. Секој доби примерок од весникот кој дава увид во животот на македонските тектилци. На посебен штанд се продаваа торбички сошиени од нивни раце. Парите од продажбата одат во посебен фонд од кој треба да се купи нова машина за шиење, затоа што работниците кои се дел од „Гласен текстилец“ имаат само една.

„Гласен текстилец“ е инаку колектив од работници и активисти кои формираат простор за еманципација на колективното дејствување со цел подобрување на човековите и работничките права. Весникот е дел од уметничкиот проект „Текстил и тага“ на Филип Јовановски, во соработка со Ивана Васева, и претставува референца на наследството на културниот живот во фабриката „Астибо“ во Штип, за кој се известувало во фабричкиот весник од 1973 до 1993 година.

-Она што е останато од некогашната силна и моќна текстилна индустрија во Штип, како водечка гранка на индустријата во овој град, е приватизациско решето кое ги уништи големите фирми како „Македонка“ и „Астибо“, претворајќи ги во стотина приватни произведувачи, што доведе до драстична промена во природата на работните односи – вели Јовановски.

Меѓу другите настани на АКТО вчера беше промовирана и „Македонската рок енциклопедија“ во авторство на Тошо Филиповски, а чиј издавач е „Корпус Деликти Рекордс“. Енциклопедијата прави преглед на сите позначајни музичари кои биле дел од македонската рок сцена во период од 1963 година до 2018 година.

Вечерта во рамки на фестивалот, на платото пред Офицерски дом, имаше и проекција на филмовите „Град на хероите“ од Работничкиот видео клуб од Зренањин, и „Комунизмо футуро„ од Андреа Гроплеро ди Тропенбург со Франко Берарди Бифо.

 

Поврзани новости