Г.Г. Стефан: Kој ја признавал Црквата, го признавал и народот, кој ја негирал – негирал и сe што е македонско

by fokus 22:53
22:53

Одбележувањето на 1000-годишниот јубилеј на Охридската архиепископија е настан со кој би се гордеел секој народ и секоја помесна Црква, настан што ја потврдува нашата вековна вистина, настан на кој се потпираат и нашето минато и нашата сегашност и нашата иднина.

Тоа го истакна поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архипеископија г.г. Стефан во обраќањето пред присутните во црквата „Света Софија“ во Охрид на Свечената академија што вечерва се одржа по повод одбележувањето на Милениумското постоење на Охридската архиепископија.

- Advertisements -

Тој истакна дека Оваа наша Охридска архиепископија е сведок дека вистината секогаш е посилна од невистината, правдата од неправдата и љубовта од омразата. – Па, потенцира, што сѐ не доживеа оваа наша древна Црква од падот на царството и државата, од освојувањата и владеењата и од истоверни и од друговерни, од уривањата и грабежите, од палењата и пустошењата…Но духот на оваа наша славна Архиепископија беше тоа што му даваше утеха на нашиот народ и го крепеше да опстои. Под нејзина закрила ги зачувавме и душата и верата, и од неа црпевме морални и духовни сили. Таа ни беше единствената поткрепа и надеж во ропствата, единствен излез од беспаќата и патоказ кон вечноста.

Осврнувајќи се на актуелните проблеми со кои се соочува МПЦ ахиепископот охридски и македонски истакна дека историјата на Охридската архиепископија одела заедно со историјата на македонскиот народ, дека слободата на Архиепископијата била и слобода за народот, односно како што рече, како што тоа некогаш било, за жал – така е и денес: кој ја признавал  Црквата, го признавал и народот и кој ја негирал Црквата, го негирал и нашиот народ и сѐ што е наше македонско.

–  Но знаел нашиот народ дека само народ со минато, може да биде народ со иднина! Знаел дека нема вечни владари и трајни империи, туку дека има само народи кои вечно бдеат и ја чуваат својата историја. Ние денес, загледувајќи се во нашето минато, прилика е да се потсетиме и да се помолиме за личностите од минатото и за нивните заслуги и дела, трудејќи се достојно да се вложиме себеси и да ги насочиме своите обврски и задачи кон сегашниве и идните потреби на нашиот народ и Црква. Душеполезно и спасоносно би било да живееме по она евангелското, што било најглавно во мисијата на нашата древна Црква: љубовта кон Бога и љубовта кон луѓето. Само така ќе им се оддолжиме и ќе покажеме достојна почит кон духовниците и паството, кон сите коишто низ вековите наназад ѝ служеле и нејзе ѝ припаѓале, кон оние коишто некогаш дочекаа славни времиња, кон оние коишто трпеле искушенија, коишто ја доживеале забраната на нејзината дејност, како и кон оние коишто ја бранеле од неправдите и се бореле за нејзино возобновување и, конечно, кон оние коишто во лицето на Македонската православна црква го доживеаја и помогнаа во нејзиното воскресение, рече поглаварот на МПЦ г.г. Стефан.

Поврзани новости