ФОТО Шилегов со автобус се качи до Средно Водно

by fokus

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, им даде пример на останатите граѓани и денеска со автобус се одвезе до Средно Водно, затоа што стапи на сила забраната за возила во викендите.

Тој денеска ги промовираше поставените детски едукативни инсталации наменети за најмладите, за подигање на нивната еколошка свест и култура.

– Денеска го ослободивме Водно од возилата. Во согласност со забраната за движење возила до Средно Водно за време на викендите и државните празници која започна денеска, тука пристигнавме користејќи го јавниот автобуски превоз којшто на почетокот е бесплатен за време на забраната. Обезбедивме и бесплатен паркинг за возилата во непосредна близина на почетните автобуски постојки. Дополнително, потенцирам дека оваа мерка не го решава проблемот со загадувањето на воздухот. Оваа мерка има за цел заштита на природните убавини на Водно, повеќе простор и почист простор за одмор, спорт и рекреација – рече Шилегов.

За да им излезе во пресрет на граѓаните што сакаат да се рекреираат на Водно Градот Скопје воведе 2 (две) нови пробни автобуски линии што сообраќаат по принципот на шатл-линии, односно, автобусите се полнат со патници на почетната станица и возат без застанување до Средно Водно. Едната автобуска линија тргнува од пред катната гаража на улицата Свети Кирил и Методиј, а втората тргнува од паркингот кај Цветниот пазар (Дом на печат).

Покрај 2. (двете) нови пробни автобуски линии, граѓаните можат непречено да ја користат и постојната автобуска линија – линијата со број 25 до Средно Водно.

Возењето на овие три автобуски линии (25, 25А и 25Б) на почетокот ќе биде бесплатно. Во пресрет на граѓаните, Градот Скопје обезбеди и бесплатно паркирање во катната гаража на улицата Свети Кирил и Методиј и на паркингот кај Цветен пазар (Дом на печат).

Забраната за движење моторни возила до Средно Водно нема да се однесува на автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП), возилата на полицијата, противпожарната бригада, итната медицинска помош, возилата на штабовите за итни интервенции, како и на возилата со посебни одобренија.

 

Поврзани новости