Фирмата на Вице Заев пред две недели добила концесија за руда од Владата, велат од ВМРО-ДПМНЕ

by fokus

ВМРО-ДПМНЕ презентираше нов скандал во кој, како што велат, е вмешаната фирмата на братот на премиерот, Вице Заев.

„Веќе е познато дека фирмата „Тотал Инжинеринг“ во сопственост на братот на премиерот Зоран Заев – Вице Заев прави бизнис тежок 4,5 милиони евра по принципот купи-продај земјиште во Струмичката касарна на кое сега градат згради, истата оваа фирма сега добива уште еден вносен бизнис од државата. Имено фирмата „Тотал Инжинеринг“, во сопственост на Вице Заев пред само две недели, или поточно на 24 април добила концесија за експлотација на минерални суровини на локација во село Дукатино, општина Василево. Оваа концесија ја добива од Владата на Зоран Заев. Значи повторно Заев му дава бизнис на Заев и на тој начин ја шират бизнис империјата како канцер во македонската економија“, изјави денеска Игор Јанушев, ВМРО-ДПМНЕ.

Како што рече Јанушев, одлуката со која избира фирмата, во име на владата ја потпишува Оливер Спасовски како потпретседател за да не биде до толку очигледно во јавноста. Јанушев презентираше одлука која Владата на Заев ја донела на 24 април 2018 година, а била објавена на страна 29 во Службен весник на Република Македонија бр.78 на 2 мај.

„За да скандалот биде уште поголем Зоран Заев повторно е фатен во лага. Имено кога фирмата на неговиот брат Вице Заев, „Тотал Инжинеринг“ се доведе во корелација со скандалот каде има сомнеж за превоз на јаглен во РЕК Битола, тогаш Заев изјави дека донеле одлука да ја продадат. ИСТИОТ ДЕН кога го кажа ова, во Службен Весник е објавено дека фирмата „Тотал Инженеринг“ добила концесија за ископ на глина. Како може да ги продале камионите и механизацијата, а истиот тој ден која ја дава оваа изјава, фирмата на неговиот брат добива уште еден вносен бизнис за ископ на глина?“, рече Јанушев.

Тој прашува колку милиони евра ќе тежи новиот бизнис кој пред неколку дена го добил „Тотал Инжинеринг.“

„Уште колку бизниси добиваат Заеви во исто време, додека Зоран Заев е премиер на Република Македонија? Дали обвинителството не гледа во ова сомнеж за криминал и злоупотреба на службената позиција?!?“, праша Јанушев.

 

Поврзани новости