Со паролата „Нема правда, нема мир“ Левица реагира за убиството на Саздо

by fokus

Политичката партија Левица најостро го осудува патернализмот и непрофесионалноста на Министерството за внатрешни работи, Основното јавно обвинителство Скопје и уредништвата на провладините медиуми, во случајот со прерано згаснатиот живот на 21-годишниот Никола Саздовски – Саздо од општина Кисела Вода, реагираат од таму.

„Индикативното во случајов е тоа што постоеше обид за релативизирање на
сериозноста на случајот, со цел негово заташкување и криење од јавноста. За овој крвнички чин на намерно, умислено и планирано претепување до смрт од вооружена банда насилници обвинителството сè уште не го преквалификувало делото! Случајот и понатаму го води како потежок облик на „насилство“ од главата посветена на кривичните дела против јавниот ред и мир – по чл. 386 од Кривичниот законик (со предвидена казна затвор од три до десет години), а не како дрско и свирепо „убиство“ сторено од омраза, од главата посветена на кривичните дела против животот и телото на луѓето – по чл. 123 од КЗ (со запретена затворска казна од десет до дваесет години, или доживотен затвор“, велат од Левица.

Поради непрофесионалниот однос на полицијата и обвинителството, додаваат од таму, во раветлувањето на овој случај и неговото изнесување во јавноста, го реактуелизираат едно од клучните барања на протестите против полициска бруталност од 2011 година, протести на кои поголемиот дел од раководството на Левица учествуваше секојдневно.

„Повторно бараме замена на Секторот за внатрешна контрола во МВР со независно граѓанско тело и зголемена надворешна контрола над МВР, од страна на анкетната комисија во Собранието на РМ и Народниот правобранител. Во спротивно, бараме неотповиклива оставка од Министерот Оливер Спасовски, поради ставање на страната на дилетантизмот, заштитништво и неказнивоста на непрофесионалците во своите редови, кои ја водат Републиката во насока на заробена полициска држава. Упатуваме и најостра критика до некои самонаречени „професионални“ и „независни“ новинари и до пристрастната уредувачка политика на некои провладини медиуми и интернет портали – заради недостоинственото и тенденциозно известување или комплетното игнорирање на овој трагичен случај. Воедно, ги повикуваме и македонските граѓани да не подлегнуваат на провокации и обиди за поткревање на меѓуетнички тензии, затоа што тоа би можело да доведе до спирала на насилнички криминалитет потхранет со национализам, шовинизам, омраза и нетрпеливост – од кој полза ќе имаат само владејачките партии и нивните корумпирани елити. Левица изразува искрено и најдлабоко сочувство кон семејството, роднините и другарите на младиот Никола, со надеж дека механизмите на правдата и правната држава конечно ќе профункционираат, а сите сторители, прикривачи и помагачи на овој брутален чин ќе бидат уапсени, осудени и најстрого казнети. НЕМА ПРАВДА, НЕМА МИР!“, порачуваат од Левица.

Поврзани новости